X
 16.02.2024 Наука

Мајмуните имаат хумор и се задеваат меѓу себе

Како шегувањето кај луѓето, така и задевањето меѓу мајмуните е провокативно, упорно и вклучува елементи на изненадување и игра. Бидејќи сите четири вида големи мајмуни користеле игриво задевање, голема е веројатноста предусловите за хумор да еволуирале во човечката лоза пред најмалку 13 милиони години.

Шегата е важен дел од човечката интеракција, која се потпира на социјалната интелигенција, способноста да се предвидат идни акции и способноста да се препознае и цени прекршувањето на туѓите очекувања. Задевањето има заеднички работи со шегата, а игривото задевање може да се гледа како когнитивен претходник на шегата.

Првите форми на разиграно задевање кај луѓето се јавуваат уште пред бебињата да ги кажат своите први зборови, уште на возраст од осум месеци. Најраните форми на задевање се повторувачки провокации кои често вклучуваат изненадување. Доенчињата ги задеваат своите родители со игриво нудење и повлекување предмети, кршење на општествените правила и попречување на активностите на другите.

Во истражување објавено во „Просидингс ов ројал сосајети би“ научниците од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес, Институтот за однесување на животните „Макс Планк“, Универзитетот во Индијана и Универзитетот во Калифорнија во Сан Диего, пријавуваат докази за игриво задевање кај четирите големи вида мајмуни: орангутани, шимпанза, бонобо и горили.

- Големите мајмуни се одлични кандидати за игриво задевање бидејќи се тесно поврзани со нас, практикуваат друштвени игри, се смеат и покажуваат релативно софистицирано разбирање на туѓите очекувања - вели Изабел Лаумер, истражувач и автор на истражувањето.

Тимот анализирал спонтани социјални интеракции. За време на овие интеракции, истражувачите ги набљудувале дејствата на задевањето, телесните движења, изразите на лицето и целите на задевањето. Исто така, научниците ја процениле намерата на оние што задевале барајќи докази дека однесувањето било насочено кон одредена цел, дека опстојувало или се интензивирало и дека задевачите чекале одговор од оние што биле цел на задевање.

Истражувачите откриле дека орангутаните, шимпанзата, бонобоата и горилите имаат намерно провокативно однесување, често придружено со карактеристики на игра. Тие идентификувале 18 различни однесувања на задевање. Многу од овие однесувања се чинело дека се користат за да предизвикаат одговор, или барем да го привлечат вниманието на целта.

- Задевањето кај големите мајмуни е еднострано, ретко е возвратено - објаснува Ерика Картмил, професорка на Универзитетот на Калифорнија.

Главно се случувало кога мајмуните биле опуштени и споделувале сличности со однесувањето кај луѓето.

Истражувачите забележале дека Џејн Гудал и други теренски приматолози споменале слично однесување кај шимпанзата пред многу години, но ова ново истражување е прво што систематски го проучува разиграното задевање.

- Од еволутивна перспектива, присуството на задевањето кај сите четири големи мајмуни сугерира дека тоа можеби било присутно  нашиот последен заеднички предок, пред најмалку 13 милиони години - објаснува Лаумер.

- Се надеваме дека нашето истражување ќе ги инспирира другите истражувачи да го проучуваат разиграното задевање кај повеќе видови со цел подобро да ја разберат еволуцијата на ова повеќеслојно однесување. Исто така, се надеваме дека ова истражување ќе ја подигне свеста за сличностите што ги споделуваме со нашите најблиски роднини и важноста од заштитата на овие загрозени животни - додава Лаумер.

Извор: Phys.org
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука