Училиштата се едно од најсилните потенцијални жаришта за ширење на вирусот затоа што децата со часови се заедно. Наставниците исто така. Затоа е добро што се затворени
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Коронавирусот, најновиот формат на човечкото уништување, се всели и кај нас. Многу сериозно, многу упорно и се чини многу тешко за држење под контрола. Се распосла низ земјата и сериозно го зафати нејзиното ткиво, а со оглед на убедливиот освојувачки поход на коронавирусот, Светската здравствена организација прогласи пандемија. Ова значи дека состојбата со ширењето на вирусот е надвор од контрола и веќе потешко може да се следи неговото движење. Затоа она што во моментов е битно е сфаќањето на сериозноста на состојбата, пред сѐ, и однесувањето на секој од нас согласно нејзината тежина, затоа што единственото најважно нешто што сега ни е потребно е свесноста за опасноста на која сме изложени. Секако, и согледувањето што можеме и мораме да направиме во вакви услови.
Во амбиентот во кој го живееме, нашето парче време и во околности во кои сме изложени на вирусот кој се шири многу лесно и со невидена брзина, би требало да можеме да покажеме едно повисоко подигнато ниво на одговорност, особено како носители на двете најважни животни улоги – како учители и како родители.
Како учител, би започнала секако со тоа што ќе го изразам моето апсолутно согласување со мерката за затворање на воспитно-образовните институции по сите образовни нивоа. Училиштата се едно од најсилните потенцијални жаришта за ширење на вирусот, затоа што децата се со часови заедно. Наставниците исто така. Затоа е добро што се затворени.
Како учители, моменталната состојба поради која не сме со нашите ученици во најубавото место на светот – во училницата, треба да ја искористиме за потсетување дека да сме учители со сите нишани, всушност, значи да сме со нив и кога не сме. Во услови на комплетно деформирање на воспитно-образовните вредности, за што ќе пишувам во некоја друга пригода и кое го сметам за реален воспитно-образовен геноцид во кој децата се колатерална штета, мошне е тешко да се постигне нашето присуство и во услови на присуство, а како ли пак во услови на отсуство.
Тешко е, да. Но, не е невозможно. Оваа состојба можеме да ја искористиме за да се поврземе со децата на еден поинаков начин, кој во светот веќе е реалност и се употребува како докажан модел за подигнување на мотивацијата за учење. За жал, и покрај современите трендови на настава, ние сѐ уште не го фаќаме приклучокот за комуникација со учениците онака како што образовните системи во светот го прават тоа. Нашиот систем сѐ уште е фокусиран на формата наспроти содржината, што ги замаглува и оддалечува можностите за реализација на содржините на начин во кој децата нема да се објекти што следат, туку субјекти што се во интеракција и придонесуваат за поуспешно совладување на материјата, без директен контакт со наставникот. На располагање ни се многубројните можности што ги нудат интернет-ресурсите – платформите за онлајн-учење, моделите ориентирани за учење на далечина, јутјуб-каналите како опции за следење видеолекции, моделите за учење базирано на компјутерски инструкции - моделите што светот веќе одамна ги живее.
Двете недели во изолација можат да бидат убава можност за поттикнување на заспаниот интерес на учениците, а секако и убава можност да им покажеме на надлежните дека училницата е само географски поим кој, за жал, веќе предолго не гарантира ниту интерес, ниту мотивација, ниту учење, ниту научување.
Можеби и нив ќе успееме да ги потсетиме дека современите трендови што ги гледаме со воздишка и жалење и кои ни се чинат недостижни, всушност, ни се чинат недостижни затоа што благодарение на стегите сведени на образовно клише, а обилно зачинети со обемни административни баласти, заборавивме дека можеме да ги достигнеме – само ако се потрудиме.
Како родители, пак, би требало мошне сериозно да пристапиме кон реалните закани на вирусот поради кој децата не ни се на настава. Сите последователни реакции на ваквата мерка и секако нашето постоднесување во услови на секојдневно јасно презентираните насоки и препораки од Министерството за здравство, за жал, покажуваат еден формат на мутиран вирус, вселен во нашата менталната матрица во рамките на која се однесуваме како ова што се случува да му се случува на некој друг. Еден своевиден, би рекла, македона-вирус – заболување кое се мери според нивоа на неодговорност без водење сметка колкава ќе биде зафатеноста како директна или индиректна последица.
Пред сѐ, непоимливо е затворањето на училиштата да не се сфати на единствениот можен начин: децата треба да се во изолација, дома и со ограничено движење надвор, не во група со други деца, не во паркови и по игралишта. Не по кафулиња и дискотеки. Затоа не одат во училиште, за да бидат заштитени. Во вакви опасно пандемиски размери наша одговорност е децата да си ги држиме на сигурно, без да се жалиме колку е тешко да ги задржиме дома. Ова е сепак и можност надвор од нашите трчаници и немањето време за оние што сме ги создале, да се потсетиме на убавината на родителството - кога со нашите деца цртаме, сечеме хартија и правиме мозаици кои ќе ги закачиме по ѕидовите за да нè потсетат дека сме ги израснале, заедно гледаме филм, зборуваме за боите на животот, за љубовта, за тоа како боли и како се лекува, ги учиме каков е ликот на опасноста и како мириса заедништвото на семејството кога со таа опасност ќе се соочат. Можност да бидеме со нив дома, без прашања што да правиме со нив.
Нашите тинејџери, пак, се доволно возрасни да сфатат зошто треба да се дома, ако седнеме со нив и ако разговараме на ниво на возрасни кои треба да знаат што е одговорност, грижа за себе и за друг.
Она што е сигурно, а што испливува на површина заедно со опасноста од коронавирусот е секако фактот дека ваквите околности укажуваат и на можностите што ги имаме и како родители и како учители.
Како учители, затоа што можеме на децата да им покажеме и поинакви патишта кои ќе ги доживеат како нови опции, ќе ги разбудат и ќе им покажат дека учењето може да има статус на предизвик. Како родители, затоа што можеме да си ги најдеме децата кои ги загубивме попат и со нив да си ги повториме лекциите по живот.
Затоа што коронавирусот е состојба и на одговорност, и на можности, и на предизвици за сите нас.