X
 28.05.2026 Колумни

Колумна: Когнитивно војување - идните војни ќе се водат и за зачувување на суверенитетот на сопствениот ум

Како никогаш досега човекот е изложен на толку големо количество на информации. Со сигурност може да се каже дека човечкиот мозок не е направен за да прими, а уште помалку за да испроцесира цела поплава од различен тип информации и потоа да дејствува врз основа на тие информации.

Живееме во ера кога на дофат ни се речиси сите потребни информации за да направиме нешто корисно за себе и за околината во која живееме (доволно е само да го земеме телефонот и да пребаруваме). Во целата човечка историја, ниту една генерација не била толку привилегирана како нашата во однос на располагањето со информации. И сепак, наместо подобра информираност, ние имаме поголема конфузија, зависност и нервоза. Стануваме робови на алгоритмите на социјалните мрежи кои се дизајнирани за да го задржат нашето внимание, а не за да нѐ информираат со нешто корисно. Нѐ хранат со информации кои само ги потврдуваат и ги зацврстуваат нашите веќе постојни ставови и наместо поширока перспектива за светот и за тоа што се случува околу нас, ние добиваме „тунелска визија“. Јас добивам информации кои ја потврдуваат мојата верзија на реалноста, ти добиваш информации кои ја потврдуваат твојата верзија, Петко добива информации кои ја потврдуваат неговата... Така се создава т.н. „ехо комора ефект“ кој доведува до поларизација во едно општество. 

Поларизацијата е во суштина поделба, но многу поопасна поделба со потенцијал да прерасне во некаков вид конфликт: општествен, политички, етнички, воен. Луѓе што никогаш не се сретнале во живо се мразат и се колнат по коментари на социјалните мрежи само затоа што алгоритмите им создале персонализирани верзии на реалноста. Верзии кои не се совпаѓаат една со друга. Таа омраза и тие емоции многу лесно се злоупотребуваат од политички актери кои ја градат својата популарност врз основа на тоа: омраза, страв и конфузија. Ставовите на екстремистите од двете страни на политичкиот спектрум: и леви и десни, се тие што доминираат во информацискиот простор, а кога се поддржани од цела армија на лажни профили (ботови), тие вештачки го манипулираат алгоритамот за да ја направи нивната содржина повидлива, подостапна и попопуларна. Кога некој став на социјалните мрежи е популарен (голем број лајкови и прегледи, позитивни коментари), тој се чини поверодостоен и повистинит. Кога ќе се повтори повеќе пати (десет, сто или илјада пати), тој евентуално станува и полувистина, а потоа и целосна вистина за оние што им даваат вредност на фактите и аргументите според бројот на лајкови, односно за сѐ поголемиот број луѓе со конформистички ставови. Луѓе што попрво би се придружиле кон стадото отколку да бидат искритикувани или исмејувани.

Сето ова погоре напишано е дел од КОГНИТИВНОТО ВОЈУВАЊЕ кое се темели на психолошкото и информациското војување, но поради појавата на социјалните мрежи, развојот на науките за мозокот и вештачката интелигенција, се отвори можноста за создавање на овој нов концепт на војување каде што човечкиот ум е многу лесно достапен за експлоатација и каде што умот станува домен врз кој треба да се воспостави доминација и контрола. Компании, политички актери, инфлуенсери – сите се натпреваруваат за да го освојат нашето внимание, а технологијата им го овозможува токму тоа. Идните војни нема да се водат само за зачувување на суверенитетот на териториите на државите, туку и за зачувување на суверенитетот на сопствениот ум.

Автор: Александар Мирчески, магистранд на Филозофскиот факултет при УКИМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни