X
 16.05.2017 Култура

Карл Јунг: „Човекот е во состојба да ги поднесе и најневеројатните тешкотии кога е убеден дека имаат смисла“

Пред крајот на својот живот, Карл Густав Јунг го замолиле да напише книга што ќе ѝ помогне на најшироката читателска јавност да се запознае со неговата психологија. По кратко колебање, се одзвал на повикот и така настанала книгата Човекот и неговите симболи, составена од пет дела.

Воведната студија, Пристап до несвесното, Јунг ја напишал сам, додека преостанатите четири поглавја ги напишале неговите најблиски соработници водејќи се според неговите желби и совети.

Иако е напишана пред нешто помалку од шеесет години, темите што се обработени во неа се актуелни до денес. Може да се каже дека се дури и позаострено поставени во современиот, забрзаниот и дигитално-технократскиот свет на нашето секојдневие.

Овие се проблемите на кои укажал Јунг на разбирлив и сликовит начин:

1. Преценување на силата на волјата на поединецот ослободен од празноверноста, но со нов внатрешен расцеп и демоните кои го следат;

2. Зошто религиските и другите општи „ненаучни“ убедувања им се неопходни на луѓето;

3. Фактот за ненадоместливиот губиток на поврзаност на современиот „рационален“ човек со симболи од природата.

Единствено што одбиваме да признаеме е фактот дека зависиме од „сили“ кои се надвор од нашата контрола. Меѓутоа, точно е дека цивилизираниот човек од неодамна стекнал извесна количина сила на волјата, што може да ја примени кога и да посака. Тој научи успешно да ја извршува својата задача, без претходно да бара „помош“ од песните и тапаните да го доведат до инспирација за работа. Дури се ослободил и од секојдневните молитви за Божја помош. Може да го спроведе тоа што ќе го науми, и своите идеи без сомнеж да ги оствари со леснотија, додека на примитивниот човек во секој чекор го попречуваат стравови, празноверност и други невидливи пречки во дејствувањето. Мотото „Тоа што го сакаш – тоа и го можеш“  е празноверност на модерниот човек.

Но сепак, одржувањето на својата вера современиот човек ја плаќа со приличен недостаток на интроспекција. Тој е слеп за фактот дека и покрај сѐ, врз неговата разумност и успешност влијаат „сили“ кои се надвор од негова контрола. Неговите богови и демони воопшто не исчезнале; само добиле нови имиња. Тие го одржуваат во движење без одмор, со нејасни стравови, психолошки компликации, незаситна потреба за таблети, алкохол, тутун, храна и пред сѐ, голем број неврози.

„Меѓутоа, постои една цврста емпириска причина зошто би требало да негуваме мисли кои никогаш не можат да бидат докажани. За нив се знае дека се корисни. На човекот секако му се потребни општи  идеи и уверувања кои ќе му дадат смисла на неговиот живот и ќе му овозможат да си го пронајде своето место во вселената. Тој е во состојба да ги поднесе и најневеројатните тешкотии кога е убеден дека имаат смисла; уништен е кога мора да признае, и покрај своите неволји, дека учествува во ’бесмислена приказна на некој идиот‘“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура