X
 20.07.2021 Здравје

Агорафобијата е вид анксиозност што предизвикува страв од нормалните активности

Агорафобијата ретко се јавува во детството и обично почнува да се развива во доцниот тинејџерски период или кај возрасните лица, пред 35. година.

Основниот симптом на агорафобијата е страв од отворен простор, односно страв од престојување на јавни места, од голем број луѓе, метеж или излегување од дома. Се смета за една од најчестите фобии и може во огромна мера да го наруши секојдневниот живот, а жените се посклони да ја добијат. Агорафобијата често се јавува во комбинација со панични напади, а кај таквите лица често е присутно чувство дека нема да се во можност да се снајдат, да побегнат, да побараат помош или дека ќе бидат посрамени, заробени или немоќни. Лекувањето е предизвик, но оваа фобија може да се победи со психотерапија и лекови и да се врати квалитетот на животот.

Домот е единствената сигурна локација

Овој вид анксиозност е предизвикана од стравот дека сте лишени од едноставен начин за бегање или барање помош во одредени околности во кои не се чувствувате сигурни. Повеќето луѓе што имаат агорафобија ја развиваат по еден или повеќе панични напади, поради што непрекинато се грижат за нов напад и избегнување на места каде што може тој да се повтори или појави. Се стравува од реални или измислени, но и секојдневни нормални ситуации, како користење јавен превоз, обично шетање на отворено или во затворено, чекање во ред или во толпа.

Луѓето со агорафобија често не се чувствуваат безбедни на кое било јавно место, особено таму каде што се собираат и задржуваат поголем број луѓе. Се јавува чувство дека ви е потребен придружник, некое поблиско лице, како роднина или пријател, кое ќе дојде со вас на јавните места и ќе се чувствувате барем малку побезбедни.

Ако ова нарушување не се сфати доволно сериозно, доведува до ситуации лицето да се чувствува безбедно само во својот дом и да мисли дека не смее да го напушти.

Симптоми на агорафобијата

Типични симптоми на агорафобијата вклучуваат страв од:

-самостојно излегување од дома,
-метеж или чекање во ред,
-затворени помали простории како кино, лифт или мала продавница,
-отворени простори како паркинзи, мостови или трговски центри,
-користење превоз како автобус, авион или воз.

Овие ситуации предизвикуваат анксиозност бидејќи лицето се плаши дека нема да може да побегне или да побара помош ако почне да чувствува паника или ако се појават други комбинирани онеспособувачки симптоми.

Дополнителни манифестации

Со активната агорафобија може да се појават и следните манифестации:

-страв или анксиозност, кои речиси секогаш се последица на изложеноста на некоја од наведените ситуации,
-преувеличување - стравовите не се пропорционални со реалната опасност од ситуацијата,
-избегнување ситуации, со потребна помош од лице на кое му верувате,
-проблеми во секојдневното функционирање поради избегнување средби, состаноци, нормален режим на живот во фамилијата, врски, на работа.

Ако ова чувство, како и избегнувањето одредени ситуации, трае шест месеци или подолго, лицето итно мора да се јави на лекар и да почне со терапија.

Паничното нарушување и агорафобијата

Некои луѓе покрај агорафобијата имаат и панично нарушување. Станува збор за вид анксиозно нарушување кај кое може да доживеете изненадни напади на голем страв кои кулминираат во рок од неколку минути и се причина за интензивни физички симптоми (класични панични напади). Доаѓа до чувство дека целосно ја губите контролата, имате срцев удар или дури мислите дека умирате.

Стравот од нов паничен напад може да доведе до избегнување на слични околности или места на кои се случил тој, што е тесно поврзано со агорафобијата.



Ризик-фактори и причини за појава на агорафобијата

Агорафобијата ретко се јавува во детството и обично почнува да се развива во доцниот тинејџерски живот или во раната возрасна доба, пред 35. година од животот. Меѓутоа, и постарите лица може да го развијат ова нарушување, кое почесто се дијагностицира кај жените.

Ризик-фактори за појава на агорафобија може да бидат:

-ако веќе имате панично нарушување или некои други фобии,
-реагирање на паничен напад со прекумерен страв и избегнување ситуации во кои се случил,
-стресен животен настан како сексуална злоупотреба, смрт на родител или физички напад,
-нервоза, бурен темперамент,
-фамилијарна историја на роднина со агорафобија.

Можни компликации

Агорафобијата во голема мера може да ги ограничи вашите нормални животни активности, а ако сте го развиле најсериозниот облик, нема да можете да излезете од дома. Нема да можете да ја посетувате фамилијата или пријателите, да одите на училиште, да работите или да учествувате во други вообичаени дневни активности. Исто така, може да станете зависни од други луѓе, дури и за најобични активности.

Агорафобијата може да биде поврзана и со појавата на депресија, прекумерна консумација на алкохол или дрога, како и други нарушувања на менталното здравје со други анксиозни нарушувања или нарушувања на личноста.

Превенција и лекување

Сигурен начин за предвидување или спречување на агорафобијата, за жал, не постои. Меѓутоа, линијата на помал отпор нема да ви помогне ако ги избегнувате ситуациите од кои се плашите. Ако почувствувате дека веќе имате благ страв од одење на некои места, обидете се да вежбате одење на тие места одново и одново, додека не го победите стравот. Ако ви е претешко да го направите тоа самостојно, замолете некој член на фамилијата или пријател да дојде со вас, но секако побарајте стручна помош. Важно е што порано да се побара помош за да не се влошат симптомите бидејќи анксиозноста, како и многу други состојби на менталното здравје, се лекува потешко ако одложувате.

Извор: eklinika
Фотографии: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје