X
 16.06.2019 Живот

Илиевски побарал одземање на наставно-научните звања на тројцата функционери, Ирена го шминка Стив од „Беверли Хилс“, Јованов свири на виолончело под отворено небо во Токио... Што пишувавме неделава

Ја објавивме и животната приказна на турскиот бизнисмен Кајхан Киличкап кој ја загубил мајка си, спиел во парк, а сега има два хотела. Пишувавме и за лекарите кои бараат повисоки плати

Во Америка ја најдовме Ирена Стојчески која си го живее својот сон и ги шминка познатите холивудски ѕвезди меѓу кои и Стив од популарната серија „Беверли Хилс“.
Брендон и Стив ѝ биле омилените ликови од мегапопуларната серија „Беверли Хилс“. Ни на сон не ѝ дошло дека еден ден и професионално ќе соработува со еден од нив, со славниот Иjан Зеринг. Родена е во Њу Џерси од родители Македонци. Мајка ѝ е од Штрбово, Преспанско, а татко ѝ од Могила, Битолско.
Ирена Стојчески денес го живее својот сон. Одлучила да излезе од здодевното работно место како сметководител и да се занимава со нешто што ѝ донело големо задоволство и нова возбуда во работата. Шминкањето на нејзините пријателки веќе била солидна основа за да продолжи со професионална шминка.


Ирена со Ијан

И оваа недела истражувавме што се случува со изборот за наставно-научните звања на тетовскиот универзитет на тројцата државни функционери. Инспекторот Ѓорѓи Илиевски овојпат ни ги донесе решенијата во кои бара одземање на нивните звања. Државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски бара од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово да ги поништи одлуките за избор во наставно-научни звања на тројцата државни функционери, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули. Тоа го пишува и во решенијата испратени до тетовскиот универзитет, до кои дојдовме.


Решенијата му се вратени по пошта

Илиевски за Факултети.мк објаснува дека записниците ги доставил до тетовскиот универзитет и ги примиле на 18 април, но решенијата кои се обврзувачки за универзитетот, со право на жалба до второстепена комисија, одбиваат да ги примат.

ИТ-заедницата може малку и да здивне и работите што не ѝ се јасни да ги дознае на македонски јазик. Програмерот Никола Ѓоргиев од Свети Николе, кој програмира компјутерски игри во последните пет години, создаде бесплатни туторијали на македонски јазик за почетно и за напредно ниво.
„Мал чекор од твоја страна, но голем за нацијата - барем оние кои сакаат да се едуцираат. Браво!“ - ова е еден од коментарите под туторијал за почетници што го изработи Никола.


Никола Ѓоргиев

- Идејата за овој проект потекнува уште од моите студентски денови, тогаш започнав нешто слично, правејќи пишани туторијали со цел да им помогнам на колегите и да поделам дел од своето знаење со нив. После тоа се вработив и идејата стагнираше некои пет години. Во меѓувреме барав слободно време да работам и други проекти, но никако да се најде и пред некој месец донесов одлука, да одморам малку од работа и да се фокусирам на тие проекти што сакав да ги реализирам. Ја напуштив работата и почнав да се фокусирам на проектот со видеата – ни откри Ѓоргиев.

Направивме и онлајн-анкета наменета за матурантите во која ни открија планови за нивното студирање, како ќе ги покријат трошоците и како ја донеле одлуката каде ќе се запишат.
Најголем дел од матурантите веќе одлучиле каде ќе студираат, а студиите ќе им ги платат родителите. Некои главната одлука ја донеле со помош на најблиските, други поради просперитет, ги следеле само своите интереси, а некои сметаат дека дипломата ќе им биде билет за странство. Ова го покажаа резултатите од нашата онлајн-анкета.
Речиси 57 проценти од анкетираните одговориле дека сакаат да студираат за да се стекнат со знаења, а 38 дека со диплома може полесно да се најде работа. 30 отсто кажале дека со дипломата полесно ќе може да заминат во странство. Најголем дел од матурантите велат дека одлучиле што ќе студираат (60%), а исто толку одлуката ја донеле следејќи ги своите интереси. На прашањето на кој начин ја донеле одлуката, матурантите имаа опција да кажат друга причина за изборот на факултет, освен наведените.



На барањата за зголемување на платите на лекарите од Лекарска комора на Македонија (ЛКМ) и Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи (ССКЦ) се придружија и младите доктори специјализанти. Сите бараат законски да се определи општите лекари во државата, без разлика дали работат државно или приватно, да имаат минимална плата од 1.000 евра, а супспецијалистите – 1.600.
Министерот за здравство Венко Филипче за Факултети.мк вели дека ќе се разговара за предлозите, а и оти нивно ветување е платите на специјалистите догодина да пораснат на 100.000 денари.



Пере Јованов од Струмичко свири на виолончело под отворено небо во Токио. Седнат на столче, на тротоар, на клупа или во тревник, со виолончелото во неговите раце, малкумина останале рамнодушни од неговите изведби на класична или поп-рок музика, а неизоставен дел од репертоарот се и Македонско девојче, Јовано, Јованке, Со маки сум се родила... Деновиве е возбуден бидејќи во сабота е закажана концертната промоција на неговото прво цеде со арии од италјански опери (обработени за виолончело и пијано) во пијано придружба на Наоми Јошимура од Јапонија. Ова е приказната на Пере Јованов (32) од Куклиш, Струмичко.


Пере Јованов

Пишувавме и за животната приказна на турскиот бизнисмен Кајхан Киличкап кој ја загубил мајка си, спиел во парк, а сега има два хотела.
Често на интернет читаме животни приказни кои не инспирираат да бидеме упорни и да се трудиме да успееме, без оглед на тешкотиите со кои се соочуваме. А кога таква приказна ќе слушнете лично од некој кој им погледнал на предизвиците директно во очи и на крајот излегол како победник, дури тогаш ќе сфатите дека сѐ е можно во животот. Доколку сето тоа е дополнето со скромност и гостопримливост, тешко е тој човек да не ви прирасне за срце. Така ни се случи и нам со Кајхан Киличкап од Анталија, Турција.


Кајхан им лупи пиперки на гостите /Фото: Горан Бошковски

Појадокот кај Кајхан беше како оброк кај некој близок роднина. Уште кога слеговме од возилото, тој ни се израдува како да му дошле на гости најблиските. Не дочека со трпеза полна со разни јадења: мекици, сирење, маџун, таан, печени пиперки, пржени јајца, со традиционален турски чај и по појадокот прекрасно турско кафе.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот