X
 23.05.2018 Образование

Резултати од анкета: Матурите најмногу се слават дома, просечен буџет е 40.000 денари

Интересни одговори дадоа читателите на прашањето на што друго би го потрошиле вкупниот буџет предвиден за матура


Најголем дел од нашите матуранти ја прославуваат матурата дома. За облекување на славениците родителите издвојуваат околу 10 илјади денари, а за прославата до 30 илјади денари, покажаа резултатите од анонимната анкета што ја направи Факултети.мк. Се разбира, има семејства што трошат помалку и такви што трошат повеќе. На прашањето на што друго би го потрошиле буџетот за матура, најголем дел од читателите одговорија – на патувања.



На анкетата „Колкав буџет планирате за матура“ одговорија 219 читатели. Речиси половина, поточно 47,9 отсто одговорија дека матурата ќе ја прослават дома. Вкупно 75 испитаници, односно 34,2 отсто одговориле дека ќе слават во кафеана, 5,9 отсто во кафуле, а 12,8 отсто дека нема да слават.

Високи 72,6 отсто од читателите одговориле дека за прославата планираат да потрошат до 30 илјади денари. Од вкупниот број испитаници, 16 отсто ќе потрошат двојно повеќе, 5,9 отсто планираат до 100 илјади денари, а 6,8 отсто – повеќе.



За да го облечат матурантот, 59,4 отсто ќе потрошат до 10 илјади денари, 32 отсто трипати повеќе, 4,6 отсто одговориле дека планираат до 60 илјади денари, а исто толкав процент ќе потрошат поголем буџет за облека.

За организираната училишна прослава најголем дел одговориле дека плаќаат 2.000, односно 1.500 денари. Другите суми се различни и варираат од 1.000 до 5.000 денари (повисоките суми се поретки).
- Ќерката ќе оди само во диско и плаќа само 600 денари – напиша читател/ка.



Интересни одговори дадоа читателите на прашањето на што друго би го потрошиле вкупниот буџет предвиден за матура. Најмногу би заминале со семејството на одмор или патување, но има и такви што би реновирале дома, би купиле автомобил или би го поправиле тој што го возат. Ги издвојуваме поинтересните одговори:


- Овие пари би ги потрошиле за некое патување.
- Можеби на некој поквалитетен одмор.
- Немаше да имам толку пари, овие се тргнати настрана одамна 
- Би ѝ купила авионска карта за Амстердам.
- Ќе ги дадев тие пари за некоја екскурзија/одмор низ Европа...
- Ќе ги потрошев на сметки, а на што друго?
- Да полага возачки испит.
- Ќе се заштедеа!!!
- Секако би ѝ ги дала на ќерката за да патува.
- За нова гарнитура.
- На автомобил.
- За ништо посебно. Да не беше матурата, не би ги заштедиле, туку би ги трошеле тековно.
- Реновирање.
- Имам близнаци, машко и девојче. Сигурно за нивно понатамошно образование, делумно и за одмор за нив двајцата.
- Би ги потрошил на гуми за автомобил или мала корекција на автомобилот.
- Реновирање на станот.
- За други потреби на семејството, облека, обувки, летување или за упис на факултет.
- Парите ѝ ги дадовме на ќерка ми, која ќе го потроши за патување. Сумата е 24.000 денари.
- Турнеја до Москва.
- Заштеди за студии во странство.
- За патување на Малдивите.
- Вкупниот буџет изнесува 60.000 денари. Би ги потрошила на организирана тура за семејството во некоја европска земја.
- На образование.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование