X
 15.10.2020 Наша тема

Парталави учебници, а по некои предмети воопшто нема. Што покажаа резултатите од нашата анкета?

Одговорите се разновидни, коментарите се остри. Едни велат дека училиштата барале нови учебници од Министерството за образование и наука, но тие сè уште не се испорачани

Учебници нема, а тие што се користат се искинати, без корици, мувлосани. Катастрофа, хаос, ако има пари за кафеани и возила за функционерите, мора да има и за учебници за учениците. Ова се дел од коментарите на анонимната анкета „Дали ги добивте потребните учебници?“ објавена на Факултети.мк и Деца.мк, а на која одговорија 356 читатели.

Одговорите се разновидни, коментарите се остри. Едни велат дека училиштата барале нови учебници од Министерството за образование и наука, но тие сè уште не се испорачани. Родителите се жалат дека децата немаат од што да учат, дека наставници им испраќаат учебници по електронска пошта со препорака да ги испечатат или да почекаат уште малку. Од МОН велат дека од вкупно 342 основни училишта, 111 побарале учебници врз основа на оштетеност...

Во услови кога учебната година почна еден месец подоцна поради состојбата со Ковид-19, најголем дел од учениците следат онлајн-настава, а само најмалите ученици од 1. до 3. одделение ја следат наставата од училишните клупи, евидентен е проблемот со недостиг на учебници. Според член 24(1) од Законот за учебници за основно и за средно образование, секој ученик на почетокот на учебната година добива комплет бесплатни учебници. Сите ученици од 1. до 3. одделение добиваат нови комплети, додека основците од 4. до 9. одделение и средношколците добиваат веќе користени учебници кои се обновуваат по потреба.

Најмногу одговараа родителите

Од анкетираните читатели, најголем дел одговарале како родители – 63,3%, 26,1% се наставници, 9,1% се ученици, а 1,1% се определиле во категоријата „друго“.




Според резултатите од анкетата, најголем дел од одговорите на испитаниците се однесуваат на учебниците од 6. одделение – вкупно 24,9 отсто. Следуваат:

4. одделение – 12,7%;
5. одделение – 12,4%;
7. одделение – 8,8%;
8. одделение – 8,5%;
9. одделение – 5,6%;
2. година средно – 5,4%;
1. година средно – 4,8%;
3. одделение – 4,8%;
4. година средно – 4,5%;
2. одделение – 4,2%;
1. одделение – 2,3%;
3. година средно – 1,1%.

По еден учебник им недостига на 19,8 отсто од анкетираните читатели. Вкупно 19,2 испитаници одговориле дека им фалат два учебника, 15,9 отсто рекле дека им недостигаат три учебници, на 10,2 отсто им недостигаат четири учебници, на 5,7 отсто им фалат по пет учебници, на 18,9 отсто одговориле дека им недостигаат повеќе од пет. Вкупно 10,2 отсто, односно 34 читатели одговориле дека не добиле ниту еден учебник.

Секоја година истиот проблем

Учесниците на анкетата одговориле дека им недостигаат различни учебници: македонски и француски јазик, општество, многу од стручните учебници, географија, историја за 6. одделение, физичко, музичко и ликовно (за 6. одд.), работа со компјутери, музичко образование и работна тетратка по природни науки, англиски јазик (од 1. до 4. одд.), географија за 8 одд., македонски јазик, музичко, физичко, ликовно, техничко образование, работа со компјутери, англиски јазик (за 5. одд.), фармацевтска технологија и аптекарско работење (за 2. год. средно), историја, географија, германски и англиски јазик (за 8 одд.), географија, историја, ликовно, техничко, музичко и физичко (за 6. одд.), општество, македонски јазик за ученици чиј мајчин им е албанскиот јазик (за 5. одд.), филозофија (4. год.), основи на нега, физикална терапија, микробиологија со епидемиологија, биологија...
Долг е списокот со учебници што недостигаат.

- Фалат комплет книги за 7. одделение за мојот клас. Секоја година се среќаваме со истиот проблем - е еден од коментарите на читателите.

Каде е одговорноста?

На прашањето „Каде ја гледате одговорноста?“, најголем дел од испитаниците директно го посочуваат Министерството за образование и наука.

- Во државата. Бесплатно школување? Откако започнав прва година учебници секогаш фалат. Не треба да велат дека имаме бесплатно школство. Ние од средно стручно купуваме учебници секоја година - вели читател/ка.

Како одговорни се посочуваат и Бирото за развој на образованието, лошото менаџирање на директори на училиштата, наставници кои не пријавиле навреме дека недостигаат учебници, ученици кои не се грижат за учебниците што треба да ги предадат на наредната генерација.



- МОН, затоа што во школото уредно е направена нарачка, а јас како наставник немам информација кои се новите учебници, кога ќе стигнат и дали воопшто ќе стигнат. Само знам дека има нова програма и нови учебници - вели наставник/чка.

Друг анкетиран коментира:

- Во МОН и глупавата одлука за секое дете да добие бесплатен учебник. Учебниците се партал. Нема потреба од бесплатни учебници за сите деца, туку само за оние на кои навистина им се потребни. Нема потреба од фамозни тендери на неколку фирми да печатат огромни тиражи на учебници еднаш во 10 години. Учебниците треба да се со пристојна цена, сите да си ги купуваме секоја година, а МОН да им подари на оние дечиња кои навистина немаат можност да си ги дозволат... МОН треба да ги помогне сите, ама баш сите издавачки куќи со 30% финансиска помош за печатење на учебниците, и за тие средства да добие од истите одреден тираж за да им подели на оние што немаат, а сите други да си ги купиме. Така ќе заработат и издавачките куќи и книжарниците и сите ќе имаме учебници, а не партали по дома.

Дел од вашите критички одговори

Испитаниците добиле различни одговори од училиштата на прашањето кога ќе добијат учебници. Најчести одговори биле: „Ќе ви јавиме кога ќе ги добиеме“ и „Чекаме достава од МОН“. Има и одговори дека ги добиле на е-пошта, па треба сами да си ги испечатат, да ги симнат од веб-страницата е-учебници, дека немаат доволно резерви, нема доволно комплети поради поголема паралелка, „ќе се снаоѓаме со тоа што располагаме“...



Најкритички одговори добивме на прашањето за вашиот коментар на актуелната ситуација. Хаос, лошо, неодговорност, катастрофа се кусите коментари на оние што ги напишале. Во продолжение пренесуваме дел од поопширните одговори:

- Пристигнаа учебници во кои не се пишува, а нема учебници што навистина ни се потребни. Книги по општество нема веќе со години, книгите по македонски јазик се без корици, многу стари, книгите по математика се од минатата година, пополнети од претходната генерација.

- Малку повеќе одговорност од страна на сите во својот домен, флексибилност, помалку политизација и партизација во образование и преземање на одговорноста на родителите за своите деца. Да не заборават дека покрај права имаат и обврски. Ако веќе споредуваат со земјите со добар образовен систем и здрави општествени норми, да не заборават дека таму токму одговорноста за грижата за децата е на родителите и дека при мали отстапки од општествените норми проработуваат институциите. Нека прашаат колку чини една бебиситерка на „запад“. И најважното, средношколците наместо само нешто да бараат и само да се жалат, нека се угледаат на нивните врсници од „фамозниот запад“ кои си го заработуваат џепарлакот.

- Некои учебници се со мувла, некои се премногу валкани, искинати, дотраени. Иако сум екологист по природа, овие учебници се под сите граници на пристојност.

- Ако во законите е пропишано дека основно и средно образование се обврзувачки и дека државата ќе обезбеди учебници, ова не треба да се случува. Се обезбедуваат по 1.000 евра субвенции за инвертери, по 50 евра за велосипеди, а децата немаат од што да учат!

- Кога има пари за глупости (кафеани и нови возила на функционери), ќе има пари и за учебници и компјутери и училишен прибор за секое дете што нема. Децата се нашата иднина. Затоа сме најдолу на истражувањата на светско ниво.

- Потребно е да се стават директори кои многу брзо може да одговорат на промените, а не... не ми е јасно како може секоја година да не знаат колку учебници се потребни... секоја година не го знаат бројот на запишани ученици.

- Мислам дека наставниците се трудат максимално да се вклопат во новонастанатата ситуација и да им помогнат на учениците, но повисоките институции не можат или не сакаат да се снајдат, како и при секој почеток на учебната година досега!



- Јас сум родител и наставник и ги нарачувам книгите преку ucebnici.mon.gov.mk уште од почеток. Ситуацијата со дистрибуција се подобрува од година на година. Лично верувам дека систем со ваучери е подобар од сегашниот.

- Јас одговарам како наставник. Веќе 10 години немаме добиено учебници од 4. и 5. одд., македонски јазик и општество, а од 6. до 9. одделение по сите предмети, освен математика и природни науки.

- МОН подобро нека планира и нека ги вклучи наставниците во процесот на планирање. Не може програма да крои некој што никогаш не бил учител.

- Лутаат деца, лутаат родители. И тие книги што ги добија се со генерации користени, распарталени и гнасни. Фалат корици, фалат страници... реакции добиваме од родители. Прашуваат дали имаат можност сами да си ги купат... значи можете да замислите до кој степен е дојдено.

- Ажурноста на МОН околу снабдувањето со книги треба да е на повисоко ниво и треба да се обноват сите учебници од сите одделенија во основно образование и да ги има во доволен број и за ученици и за наставници. Како наставник сам си фотокопирам учебници за себе, на сопствен трошок, како и ред други работи.

- Во услови кога не може да се обезбедат учебници, мора да постои опција да се купат.

- Добро е да остане одлуката за учебниците да бидат обврска на државата, но треба да бидат достапни и во продажба во книжарниците. Инаку образованието не може да биде во полоша состојба од сегашнава, за жал.

- Кога се добиваат нови учебници, веќе следната година се малку оштетени. Таа штета не се наплаќа. Тој учебник се употребува и другата година, па се оштетува уште малку, па третата година... и така на крај кога ќе го врати последниот корисник, тој е сосема уништен. Како да се побара плаќање за оштета на учебникот од последниот корисник кога тој и не е виновен што добил уништен учебник?

- По ниту еден странски јазик учениците не добија учебници, па дури дискутабилно е дали можеме да ги користиме учебниците од претходната година, па макар и користени. За многу предмети (многу и непотребно) учениците добиваат и работни тетратки, а по странски јазик, каде што е многу потребно, не добиваат. За жал, забрането е да се бара од родителите да купуваат работни тетратки, а издавачите немаат побарано решение за користење дополнителен материјал од МОН од учебната 2008/2009. Па така, оставено е на наставниците да се снаоѓаат сами со барање наставни листови кои се слободни за користење и печатење на сопствен трошок. Инспекторите велат дека училиштата треба да го обезбедат тоа, а училиштата велат дека немаат средства за тоа. За странски јазици има многу бесплатни е-активности, но за жал во училиштата нема ИКТ-услови за нивно користење.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема