X
 16.07.2023 Живот

Адаптивен одговор - што всушност се случува кај пливачите?

Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, лиценциран доктор по општа медицина

Aдаптивниот одговор што се случува кај пливачите значи дека тие можат да преживеат и пониски температури на водата.

Нашата основна телесна температура е стабилна, но може и лесно да варира (помеѓу 36,5 и 37,5 Целзиусови степени) во зависност од времето во текот на денот, температурата на околината, нашата облека, вежбањето, поткожното масно ткиво, како и од она што секојдневно го консумираме. Тоа е балансирачко дејство помеѓу факторите што ја задржуваат топлината и оние што ја намалуваат. Клиничка хипотермија се смета за температура на телото од 35 Целзиусови степени. Повеќето луѓе ќе ги почувствуваат ефектите на хипотермијата многу пред нивната температура на телото да се излади до 35 Целзиусови степени. Овие знаци вклучуваат ментална конфузија, нејасен говор и слаба координација на движењата.

Лесно е да ја започнете вашата пливачка кариера во летото кога температурата на водата е минимум 16  Целзиусови степени. Сепак, голем предизвик е да се плива во ладна вода за време на есенските и во текот на зимските денови. Првото нешто што ќе ви се случи кога ќе влезете во ладната вода е справувањето со шокот - почетното забрзување на работата на срцето, забрзаното дишење, зголемувањето на пулсот. Заедно со нив, истовремено се лачат и хормоните на стрес. Меѓутоа, ако само неколку пати се нурнете во вода поладна од 15 степени, стресната реакција полека ќе се намалува. Пливањето во ладна вода, исто така, може да го намали и хроничниот одговор на стресот, како и воспаленијата и психолошките проблеми кои можат да влијаат врз секој од нас.

Репетитивните експозиции на пливање во ладна вода ја намалуваат длабоката телесна температура и се основен стимул за адаптирање на овој процес.

Затоа пливачите можат да се адаптираат на ова многу брзо. Нашето тело има капацитет да се приспособи на студот. Главниот извор на адаптација што се стекнува за полесно приспособување на студот е нашиот мозок.

Студиите што ја разгледаа адаптацијата на ладната вода покажуваат дека доминантниот адаптивен одговор е токму хипотермично-инсулативната адаптација.

Според истражувањата, постојат неколку адаптивни процеси кои можат да предизвикаат метаболичка адаптација, која вклучува зголемување на треперењето, како одговор за поголемо генерирање топлина. Сепак, преовладувачкиот адаптивен процес кај пливачите во ладна вода е комбинација на изолативни и хипотермни адаптации. Изолативна адаптација ни укажува на тоа дека крвните садови кои ја снабдуваат кожата со крв се намалуваат во обем и големина, ограничувајќи го протокот на крв на површината на кожата (вазоконстрикција) и повторната изложеност може само да го стимулира брзиот вазоконстрикторски одговор. Ова ќе осигури дека топлината во снабдувањето со крв се преместува во виталните ткива длабоко во телото, оставајќи ги кожата, рацете и нозете, односно периферијата, да се оладат во поголема мера, за сметка на јадрото, односно трупот. Оваа поголема чувствителност кон студ може исто така да значи дека е потребно повеќе време за да ги загреете вашите раце и нозе во споредба со вашите пријатели кои не биле изложени на ладно, бидејќи крвните садови сѐ побавно се отвораат, а побавно е и враќањето на крвта во прстите.

Хипотермичната адаптација ја намалува температурата. Треперењето се стимулира за да се зголеми длабоката телесна температура. Со повторените експозиции на пливање во ладна вода се намалува длабоката телесна температура, а ова ќе го намали треперењето. Тоа му овозможува на пливачот да го координира движењето.

Важно е да се напомене дека длабоката телесна температура на која тресењето се случува кај некој што е приспособен е поблиску до состојбата на клиничката хипотермија (температурата на телото во јадрото е 35 степени) од неприспособените поединци. Затоа, оние што се приспособливи на ладно треба да го „слушаат сопственото тело“. Ако почнуваат да се тресат, тие мора да излезат од водата и да започнат со процесот на загревање.

Изминатото време во вода не е само одраз на состојбата на адаптација, туку се должи и на комбинација на фактори кои се однесуваат на секој поединец, вклучувајќи ги нивната маса, дебелина, физичка кондиција, режимот на исхрана и колку долго лицето е стационарно. Неодамнешната технологија и истражувањата сугерираат постоење на кафеаво адипозно ткиво (Brown Adipose Tissue) кај возрасните луѓе; за кое претходно се мислеше дека е присутно само кај бебињата. Сепак, сега е откриено дека постои и кај некои лица што се изложени на студ!

Откако ќе излезете од вода, вашето тело продолжува да се лади уште 20-30 минути, така што длабоката телесна температура ќе биде пониска 20-30 минути по пливањето. Задолжително е по пливањето да облечете топла облека и да пиете топли напитоци со цел вашето тело на полесен начин и побрзо да ја врати нормалната телесна температура.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот