Адина Османи од Факултетот за применети (технички) науки при Универзитетот во Тетово, Даниел Цоневски од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Матеа Анакиевска од Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се тројца студенти кои годинава се најдоа на листата со добитници на престижното признание „Инженерски прстен“. Овие исклучителни студенти споделија со нас како се чувствуваат по добивањето на признанието, но и кои се нивните планови за иднина.
Адина Османи: „Да се бориме за своите соништа без разлика колку е тешко“
Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Ми претставува огромна чест и задоволство што сум еден од добитниците на „Инженерскиот прстен“ и за мене како млад инженер тоа претставува мотивација да продолжам да студирам и да напредувам во полето на инженерството. Исто така, тоа е кулминација на моето универзитетско патување.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Моите планови се да продолжам со студиите и да напредувам во мојата професија.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Мојата главна порака до моите колеги и идни инженери е да се борат за своите соништа без разлика колку е тешко. Го охрабрувам и женскиот род повеќе да се вклучи во полето на инженерството бидејќи тие можат да успеат во инженерското патување и еден ден да ја освојат оваа награда.
Даниел Цоневски: „Прстенот е потврда и препознавање на вложениот труд во образованието“
Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- „Инженерскиот прстен“, како едно од највисоките достигнувања во областа на инженерството, претставува потврда и препознавање на досегашниот вложен труд во нашето образование. Да се биде добитник на ова признание претставува особена чест и задоволство и ги отсликува амбициозноста, мотивацијата и посветеноста кон оваа област. На овој начин добиваме уште поголем повод за надградба и реализација на поставените цели во професионалната кариера.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Инженерството претставува главна движечка сила во модерното општество, а проблемите кои ги решава оваа област имаат голема улога врз квалитетот на животот на луѓето. Верувам дека стекнатото знаење и искуство ќе продолжам да го применувам кон решавање на ваквите проблеми и подобрување на светот во кој живееме.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Мојата порака до сите идни инженери е да бидат истрајни во нивните цели, а вложениот труд и желбата за надградба на знаењето се главните двигатели на патот до големи достигнувања и успеси.
Матеа Анакиевска: „Морална одговорност е да ги користиме знаењето и креативноста за благосостојба и здрава животна средина“
Го добивте признанието „Инженерски прстен“, горди ли сте на Вашиот успех и на тоа што некој го препозна и го потврди Вашиот инженерски потенцијал?
- Апсолутно да! Наградата „Инженерски прстен“ е потврда на мојот досегашен резултат и посветеност во текот на академските години и силна мотивација за понатамошен развој и надминување на новите предизвици. Препознавањето на мојот труд и потенцијал од страна на стручниот кадар претставува голема чест и привилегија. Тоа ме инспирира да продолжам со уште поголем ентузијазам кон постигнување врвни резултати во инженерството. Благодарение на несебичното пренесување на знаењето од професорите и поддршката од моето семејство, се стекнав со престижната награда „Инженерски прстен“.
Кои се Вашите планови во науката и/или во професијата?
- Фокусот на моите активности ќе биде насочен кон професионален развој преку континуирана едукација во областа на геологијата и подобрување на вештините за разбирање на природата и ресурсите што ги нуди. Се надевам дека институциите ќе имаат слух за идните надежни инженери, да дадат шанса за усовршување и примена на знаењето во реални проекти, обезбедувајќи можности за кариерен напредок што ќе придонесе за развој на инженерството и подобра иднина.
Што би им кажале на младите инженери од Вашата област?
- Геологијата како наука која ги изучува структурите и процесите на Земјата игра клучна улога во откривање и експлоатација на суровините. Наша морална одговорност е да ги користиме знаењето и креативноста за создавање благосостојба и здрава животна средина. На младите инженери им посакувам да бидат упорни и истрајни во својата работа и да не се плашат од предизвици. Напротив, треба да ги користат како можности за иновации и личен развој.