X
 11.09.2023 Наша тема

Вероника Стојановска дипломира на Технолошко-металуршкиот факултет со просек 9,84: „Особено ме привлекува наномедицината“

Ја избрала оваа професија зашто дава можност за примена на нови технологии и изуми во различни сфери - исхрана, козметика, медицина - кои можат да им го подобрат животот на луѓето.

Интересен факт е тоа што на светско ниво бројот на жени инженери-технолози е значително помал од оној на мажите. Сепак, на мојот факултет девојчињата значително доминираа во студиите, вели Вероника Стојановска од Велес, која го заврши Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ со највисок просек од 9,84. Таа беше дел од 12. најуспешни инженери во државата што годинава го добија високото признание „Инженерски прстен“ од претседателот Стево Пендаровски.

- Одлуката за студирање на Технолошко-металуршкиот факултет беше многу едноставна. Имено, уште од мали нозе бев многу заинтересирана за математиката и хемијата како науки, поради што како некоја златна средина го избрав токму овој факултет. И навистина сум задоволна од изборот на професијата зашто дава можност за подобрување и претставување на доста нови технологии и изуми во светот во различни сфери: исхрана, козметика, медицина и слично - вели Стојановска.



Многу непроспиени ноќи поминати над книга

Таа беше прогласена за првенец на генерацијата. Вели дека формулата за успех на факултет е големата посветеност. Имало многу ноќи поминати над книгата, но на крај трудот се исплатил.

- Како и секој факултет, и мојот бараше доста труд и многу непроспиени ноќи. Сепак, би рекла дека високиот просек дојде како резултат на мојата посветеност и љубов кон областа што избрав да ја студирам. Во поглед на практичната настава, би рекла дека се изведуваше релативно континуирано во текот на студиите, меѓутоа, сметам дека секогаш има простор за подобрување. Најголем успех во текот на студирањето за мене претставува фактот што си ги исполнив сите цели кои амбициозно ги поставив уште од самиот почеток на студиите - додава првенката на генерацијата.



Тешко беше да најде слободно време за себе

Како на секој посветен студент, и нејзе ѝ било тешко да издвои слободно време за себе покрај многубројните обврски што ги имала. Но, крајот го краси делото. Така, наградата „Инженерски прстен“ за неа претставува големо признание за вложениот труд и постигнатиот успех, како и мотивација да продолжи и понатаму амбициозно да чекори кон своите соништа и цели.

- Јас сум дипломиран инженер-технолог по дизајн и менаџмент на технолошки процеси. Во поглед на мојата струка, би рекла дека можам да работам во секој производствен погон како инженер-технолог кој врши контрола и менаџирање на самиот процес. Со оглед на ова, би рекла дека сѐ повеќе и повеќе се отвораат работни места за овој профил на кадар - додава таа.

Предизвик ѝ е наномедицината и не ја исклучува можноста за заминување во странство

По завршувањето на факултетот, без да направи пауза, се запиша на постдипломски студии на Технолошко-металуршкиот факултет и има големи планови за иднината.

- Мојата струка генерално дава можност за доста широк дијапазон на области во кои би можела да работам, меѓутоа, особено ме привлекува областа на наномедицината. Како резултат на тоа што оваа конкретна област не е развиена во нашата држава, би рекла дека имам амбиции за заминување надвор од државава - вели Вероника.



Наномедицината е дисциплина која ги применува знаењата и алатките на нанотехнологијата за превенција и третман на болести. Наномедицината вклучува употреба на наноматеријали, како што се наночестички и нанороботи за дијагноза и лекување на живи организми. Наночестичките наскоро може да се користат за транспорт на дијагностички и терапевтски лекови до таргетирани места во човечкиот организам кои не се вообичаено достапни. За тоа ќе бидат потребни дополнителни истражувања. И развојот на наномедицината е во рана фаза, но се очекува да има револуционерно влијание врз здравствената заштита во иднина. За истражувањата и нејзиниот развој се особено потребни млади, компетентни и амбициозни кадри.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема