Два бронзени медали во категоријата индивидуален тест на знаења, сребрен и три бронзени медали во категоријата за интернационална тимска презентација се освоените награди на македонските средношколци на 17. Светска олимпијада по геонауки IESO2024, која годинава се одржа во Кина, соопштија од Македонското географско друштво.
Ивана Атанасоска, ученичка во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп и Милена Ангелова од СОУ „Методија Митевски Брицо“ во Делчево освоија бронзени медали во категоријата индивидуален тест на знаења и тоа помеѓу 140 ученици од 35 држави.
Михаела Павловска од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје освои сребрен, додека Атанас Ташковски од СОУ „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, Милена Ангелова и Ивана Атанасоска освоија бронзени медали во категоријата за интернационална тимска презентација.
Ментори на олимпијците беа проф. д-р Ивица Милевски и проф. д-р Свемир Горин од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
-Честитки за учениците, нивните родители, наставници, а секако и до Македонското географско друштво (МГД) и неговиот претседател Христина Димеска, кое придонесе во организација на целиот национален процес од државните натпревари, преку соодветната логистика, помош околу спонзорства и др. Јас, како главен ментор, заедно со колегата ментор Свемир Горин, се потрудивме за тие кратки 2 месеци да ги подготвиме децата најдобро што може, да ги организираме до овде (Кина) и соодветно да ја претставиме нашата Македонија пред 300 ученици, ментори, наставници, професори, истражувачи и др. Одиме понатаму... - истакна професорот Милевски на социјалните мрежи.
Насловна фотографија: Facebook