Сите тестови беа комбинација на содржини од физика, хемија и биологија, односно бараа интердисциплинарен пристап во разбирање на суштинските работи од природните науки. За сето тоа беше потребна и добра основа од математика, вели д-р Боце Митревски, еден од водачите на македонскиот олимпискиот тим на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа од 2 до 12 декември во Богота, Колумбија, кој воедно е и вонреден професор на ПМФ.
Македонските учесници се вратија од Јужна Америка со четири бронзени медали кои ги освоија учениците Искра Нечаковска од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“- Битола, Теона Ана Георгиевска и Михаил Шапчески од ПСУ „Јахја Кемал“ - Скопје и Даниел Христов од СОУ „Славчо Стојменски“ - Штип.
Тестовите се работеа и по четири часа
- На Олимпијадата учениците имаа три теста, со еден ден пауза меѓу нив. На првиот тест има 30 прашања со избор на одговорот, кој се работи 180 минути, вториот тест е теоретски со 4-6 обемни прашања (240 минути) и третиот тест е практичен испит во изведување три експерименти (240 минути). Патот до Олимпијадата води преку општински, регионални, државни натпревари, потоа два селекциони натпревари, три месеци подготовки и најтешкото - ако се обезбедат основните средства (пат и котизација), тогаш следува завршниот дел – учество на Олимпијада - раскажува Митревски.
Во Колумбија сите 46 тима, меѓу кои и македонскиот, беа прифатени одлично. Учениците имаа можност да се запознаат и да се дружат со врсници од многу земји од сите континенти, тоа е можност за воспоставување контакти за соработка, а ваквите настани се уникатни можности за претставување на земјата од каде што доаѓаат.
Важно е што создаваме јуниорска репрезентација
- Покрај учеството и постигнатиот успех, важно е што создаваме јуниорска репрезентација, а најважна е рефлексијата на сето тоа врз образованието и општеството. Народот сака да слушне успеси на групи и поединци на меѓународно ниво, добри, убави вести. Во светот на политиката, медиокритети, лаги и ветување, на народот му треба надеж дека оваа земја има потенцијал, подобра иднина - вели Митревски.
Посочува дека во светот се одржуваат стотици различни олимпијади, но поголем дел од нив се комерцијални настани. Министерството за образовани и наука на Македонија признава 14 олимпијади поврзани со наука и образование. Тоа, според професорот, го проучил некој во МОН, што е заслужно за почит.
- Дека е тешко да се освои медал на IJSO (Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки) кажува фактот што таму се наградуваат половина од учениците учесници. Вообичаено, најмногу златни и сребрени медали освојуваат ученици од Далечниот Исток (Индија, Јужна Кореја, Тајван, Хонгконг, Виетнам, Индонезија, Тајланд и други), потоа Русија, Унгарија, Романија, Бразил итн. Многу земји од ЕУ немаат некој забележителен резултат - вели Митревски.
Д-р Боце Митревски
За Македонија, освоените четири бронзени медали може да се каже дека се просечен резултат, со оглед на тоа дека имале и подобар успех со две сребра и три бронзи во Катар 2019 година, па и послаб - само една бронза во Холандија 2017 година.
Подготовките се напорни, но се од полза за сите
Митревски вели дека за успехот на Олимпијадата, пресуден е трудот на учениците, но и постоењето и работата на организациите како Друштвото на физичарите и Сојузот на хемичари на Македонија и Македонското биолошко друштво, поддршката од ПМФ, како и ентузијазмот на многу поединци.
Друштвата немаат посебни простории или лаборатории, сите активности за подготовки се одвиваа прво во училиштата, а потоа и на ПМФ, од септември до декември по два-три дена секоја седмица.
- Тоа беа напорни подготовки за сите вклучени во процесот, но работата и учењето во предавалните и лабораториите на ПМФ секогаш и за секој се од полза – додава професорот.
Потребна е поголема поддршка од институциите
На прашањето колку институциите во државата имаат слух за финансиски да ги помогнат ваквите натпревари, тој вели дека вообичаено немаат разбирање за активности поврзани со наука и образование. Додава дека за нив секое барање за помош и поддршка значи нарушување на стабилноста, на нивниот систем и начин на функционирање. Секако, нагласува тој, во тие институции има поединци со големо разбирање на целата оваа работа, што понекогаш оди до сожалување за нашите маки, маките на учениците, нивните родители. Агенцијата за млади и спорт редовно ги поддржува учениците, иако во споредба со средствата што се одвојуваат за спортисти и спортски федерации, тоа а е незначително.
- Во принцип, државата нема слух за ваквите меѓународни претставувања, освен по враќање со медали, за фотографирање, самопромоција на поединци и сл. Учеството на оваа олимпијада, освен од АМС, беше помогнато од спонзори, средства од родителите на учениците и средства на водачите. Инаку, членувањето во друштвата и ангажманот во нив е на волонтерска основа. Но, исто како и работата на секој наставник, тоа е мисија. Мисија која општеството го влече напред. Така, без оглед на сите слабости во системот, игнорирањето на работата на друштвата и слично, ние сме посветени на оние што влечат напред - заклучува Митревски.
Митревски во својата работна кариера беше професор по физика во гимназиите во Кочани, Делчево и во Македонска Каменица. Покрај него, водачи на олимпискиот тим беа и проф. д-р Методија Најдоски од Сојузот на хемичари и технолози и м-р Лозенка Иванова од Македонското биолошко друштво. На Олимпијадата, покрај четворицата ученици што освоија бронзени медали, успешно се претставија и Марко Серафимовски од ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје и Олег Трајковски од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ - Битола.
Фото: приватна архива