Новинарката Соња Алексоска-Неделковска секојдневно слуша нови случки кои ѝ потврдуваат колку Тоше Проески беше посебен. Таксист што растел во Домот за деца без родители неодамна ѝ раскажал дека речиси секоја недела Тоше им одел во посета. Влегувал насмеан и расположен, со гајба пиво, вода, грицки и играл фудбал со децата.
- Честопати во историјата на македонската, балканската сцена барам човек сличен на него. Не го пронајдов. Тој беше единствен, незаменлив, неповторлив. Имаше некоја неверојатна харизма, моќ која ве тераше да му се восхитувате, без разлика како се однесува. Не претерувам, но тој навистина не беше како сите нас. Не беше обичен смртник. Вака денес го опишува Тоше нашата позната новинарка Соња Алексоска-Неделковска.
Таа голем дел од својата кариера ја посвети токму на неговото дело. Но и тој пееше за неа. Преку стиховите што ѝ ги посвети нејзиниот сопруг Огнен. Нема кој не ја знае „Сонце во твоите руси коси“, песна која Тоше ја пееше на секој концерт, без исклучок.
Тоше и Соња се запознаа во 1998 година, а таа веднаш знаела дека ќе биде посебен. Денес, по десет години откако тој веќе не е со нас, Соња со тежина во душата зборува за Тоше. Често го сонува, а никогаш не одбива да каже збор-два за него, за неговата душа, срце, добрина.. да го оживее барем за кратко.
Опишете ми ја првата средба со Тоше?
- Ноември 1998 година. Детето од Крушево, како што го викавме со сопругот, требаше да ја отпее „Сонце во твоите руси коси“ на „Еврофест“. Како новинар на „Дневник“ бев ангажирана да известувам од тој настан. Ги освои и сцената и публиката. Аплаузите беа потврда дека ќе биде фаворит. Пред прогласувањето на победниците се упатив зад сцената каде што беа учесниците. Најважно ми беше да го видам него. Ми требаше подолго време да го пронајдам со погледот. Беше седнат во еден агол. Стана од столчето, ми ја преклопи раката со своите две раце сакајќи да ми ја покаже почитта и со широка насмевка ми рече: „Јас сум Тоше Проески“. Неговиот поглед беше наивен. Изгледаше како затворена пупка на розата. Го гледав со восхит, но и со жалење. Толку талентиран, а толку млад, во овој свет преполн со интриги и суети. Се свртев и наместо со збор, со поглед го запрашав - како стигна до овде, од каде сè започна.
Кога сфативте дека ќе стане толку голема ѕвезда?
- Уште на таа средба. Ме маѓепса со својата изведба и харизма. А искуството ми дозволува да пресудам уште на почетокот колку еден изведувач е талентиран или не. Настапот на „Буба мара“ во февруари следната година ги потврди моите претпоставки.
Како денес би го опишале Тоше?
- Честопати во историјата на македонската, балканската сцена барам човек сличен на него. Не го пронајдов. Тој беше единствен, незаменлив, неповторлив. Имаше некоја неверојатна харизма, моќ која ве тераше да му се восхитувате, без разлика како се однесува. Не претерувам, но тој навистина не беше како сите нас. Не беше обичен смртник.
Тоше имаше посебна врска со неговите обожаватели, кое е Вашето објаснување зошто го сакаа со толку голема страст и со таков жар? Споделете ни некоја случка која покажува колку беше човечен.
- Ги има многу. Поголем дел се веќе познати. Но, ќе одвојам една случка што ја слушнав пред две години од таксистот кој едно утро ме носеше на работа. Само што влегов во автомобилот, ми се обрати со зборовите: „Вие ја следевте кариерата на Тоше, но мислам дека има нешто што не знаете за него“. Што е тоа што не го знам, го запрашав љубопитно. Ќе ви раскажам, продолжи да зборува со придушен глас. „Растев во домот за деца без родители. Речиси секоја недела ни доаѓаше Тоше во посета. Ќе влезеше, насмеан и расположен, со гајба пиво, вода, грицки и ќе нè викнеше да изиграме еден фудбалски натпревар. Никогаш немаше ниту камери ниту фоторепортери. Тој не го сакаше тоа. Негова желба беше да ни ги покаже љубовта и почитта, да ни помогне со разговор“.
Вашата и кариерата на Тоше и сопругот Огнен Неделковски се испреплетени, бевте и пријатели и соработници. Каков беше всушност вашиот однос?
- Првите пет години од неговата кариера честопати ни беше гостин во домот. Ги делевме случките од неговиот потстанарски живот, бевме сведоци на страста што ја чувствуваше кон музиката. Често зборуваше за неговиот внук Кристијан, кој е речиси на иста возраст со нашиот син Филип. Бевме одушевени од љубовта и почитта што ја имаше кон своето семејство. Некогаш ќе нѐ посетеше и со својата поубава половина. Бев љубопитна. Го испрашував за сѐ. Во почетокот беше на дистанца со мене, но со времето се опушти, па често се смееше на моите директни овновски реакции. Со текот на годините средбите се ретчеа, но во секоја пригода ни покажа дека ние сме му луѓе од доверба.
Тоше имаше посебна врска со семејството, што е она што ја правеше цврста?
- Љубовта и поврзаноста. Ние изгубивме пејач, соработник, пријател. Но, Доминика и Никола изгубија навистина прекрасен син. Воспитан, културен, ненаметлив. Го почитуваше секој збор и став на своите родители.
Го познававте од дете до возрасен човек, како се развиваше, што беше специфично за неговото растење и како човек и како пејач?
- Сите погледи беа насочени кон него. А неговиот беше насочен само кон иднината, која посакуваше да му биде музиката. Промените не беа забележителни само во имиџот. Црните излитени фармерки ги замени со син тексас. Јакните од шушкавец – со перја. Остана ист внатре во душата, која ретко ја ставаше на дланка. Таа беше изворот на неговата наивност и добрина. Како човек беше и исклучително достоинствен. Нашите животни патишта беа испреплетени. И тој и ние кубуревме со пари. Еден ден нѐ посети ненајавено. Имаше сериозен израз. Ми нудат многу убав договор. Идат многу убави времиња за нас. Со Господ напред. Откако тоа го кажа следуваше неколкуминутен молк кој го разби со зборовите: „Мислите ли дека тогаш ќе бидеме повеќе среќни“. Го знаевме одговорот. Тоше најсреќен го правеа музиката и дружбата со фановите. Мојот сопруг - пишувањето текстови. За мене, среќа беше кога ги слушав нивните песни. За син ми Филип, дружбата со Тоше. Да, дојдоа тие времиња. Имавме и ние и тој. Можевме да си дозволиме и повеќе од удобен живот. Но, сега го нема него. А без него, нашиот професионален живот никогаш нема да биде исполнет и комплетен докрај.
Дали внукот Кристијан ги наследи музичките гени?
- Да, и тоа како. Кристијан е исклучително воспитано и културно дете. И пред сѐ многу музички талентиран. Пее навистина прекрасно. Ова не го кажувам поради атер на Тоше. Не, цврсто стојам на мојот став дека Кристијан заслужува свое место под нашето музичко небо. Пее фантастично, точно и прецизно. Неговиот глас не наликува на гласот на Тоше, но затоа е свој во изведбата. Тоа го кажа и Енди Рајт, со кого Тоше го работеше албумот за светскиот пазар. Голем музичар и стручњак кој работел со многу светски ѕвезди. Тој работеше на деби-песната со која Кристијан наскоро ќе се претстави. А откако ќе ја слушнат, сигурна сум дека тоа ќе го потврдат и нашите музичари. Кристијан работи на себе, се едуцира. И веќе е време да ја освои сцената. До крајот на животот ќе жалам што Тоше нема да ги слушне песните на Кристијан.
Книгата „Ова не е крај“ посветена на Тоше ја објавивте пред три години. Дали ќе има реиздание?
- Да, но само ако се најде некој добар чичко спонзор за да застане зад неа. Зад првото издание застана комплетно семејството Проески. Мала помош имавме и од Министерството за култура.