X
 16.12.2019 Наша тема

Колумна: Малограѓани

Малограѓанинот нема поим од уметноста, ниту од книжевноста. Научил да чита само весници за да биде известен. Тој не ги разликува ниту писателите, а може да биде зачленет во читателски клуб

Малограѓанинот сака да биде известен за сè. Го зборува само тоа што смета дека е поволно за него, за бизнисот и семејните интереси. Луѓето ги испрашува индиректно, наметливо и полициски. Во неговата намера да се издигне друштвено и да се збогати, тој има потреба да собере што повеќе податоци за сè што го опкружува. Со текот на времето таа намера добива облик на љубопитство, озборување и прераскажување. Малограѓанинот нема поим од уметноста, ниту од книжевноста. Научил да чита само весници за да биде известен. Тој не ги разликува ниту писателите, а може да биде зачленет во читателски клуб. Не го интересираат ниту сликите, но поради друштвениот престиж, на ѕидовите од својот дом има репродукција на слики од најпознатите светски сликари.

Ова не се мои зборови, туку на Иво Андриќ, кој ги запишал во неговата книга „Знаци покрај патот“. Со преселбата во центарот на Македонија и еволуцијата на мојата личност, сè почесто ја прелистувам и сфаќам дека некогаш сум била во голема заблуда.
До 18 години живеев во мал град. Очајнички се борев против апатијата на македонска провинција и правилата што ги наметнуваше малата средина, која ми личеше на затворена кутија. За еден час се дознаваше кој фатил нова девојка или дечко, кој направил неверство, кој се каменосувал по кафеани, кој и колку пари заработил, кој заминал на печалба и не дај Боже, кој починал.


Соња Алексоска-Неделковска

Од оваа временска дистанца, тој отпор го препишувам само на мојата младост и нескротлив дух. Истите муабети се вртат и меѓу скопскиве населби. Разликата е во километражата. Една информација од Аеродром до Карпош стигнува за едно деноноќие. Во мојата 2,5-децениска кариера како новинар се дружев со различни профили на луѓе. Бидејќи работам со личности од шоу-бизнисот, честопати ми поставуваат прашања поврзани со нивната личност и приватниот живот. Забележав дека граѓаните кои себеси се третираат со големо Г не прашуваат, туку анализираат и критикуваат. Тие знаат сè. И за моралот на пејачките, и за квалитетот на музиката, и за организацијата на фестивалите. Таквите муабети не ја надминуваа мојата граница на трпеливост и толеранција.

Сè до моментот кога Весна Бејби Петрушевска јавно проговори за немилата случка. Нејзината Мина беше нападната од возрасен маж во темна гаража во скопската населба Капиштец. Од граѓаните со големо Г очекував анализи, поддршка, дури и некоја иницијатива за настанот. Се излажав. Нивниот коментар беше срочен само во една реченица: „Како можеше Весна јавно да прозбори за тој настан, па таа не е нормална“. Типично за малограѓани. Џабе им се статусот и парите кога се отруени со предрасуди и со бездушна пресметаност. Ним најважно им е „што ќе каже селото“. Не се дораснати на задачата на соживот и сочувство со луѓето.
Полицијата го фати педофилот, го осуди и толку од овој случај. Останаа само озборувањата. А можеше да биде поинаку. Сите јавни личности во светот што прозбореле за педофилијата биле вклучени во кампањи за борба против неа. Со педофил неофицијално понекогаш се нарекуваат и сексуалните насилници на деца. Опра Винфри јавно призна дека била силувана од нејзин роднина од својата деветта година. На 14 години останала бремена и имала спонтан абортус. Очајната домаќинка Тери Хачер на петгодишна возраст ја силувал вујко ѝ. Квин Латифа ја силувало момчето кое ја чувало кога имала само 5 години. Рита Хејворт ја силувал татко ѝ. Со нивното јавно признание исчезна стравот кај девојчињата и се зголеми бројот на пријави против педофилијата и насилството. Далеку сме од Америка! Но, блиску сме до Србија. Пред две години Србите ја спроведоа акцијата „Армагедон“ за апсење на педофилите.

Информациите од пред неколку дена говорат дека во Германија дневно во просек 40 деца се изложени на сексуално вознемирување, а жртвите се од 11 месеци до 14 години. Случаите на продукција, поседување и ширење детска порнографија во 2017 и 2018 пораснале за 14 отсто. Овие податоци беа причина да се состане Националниот совет во земјата. На конференцијата на министрите за внатрешни работи се донесе одлука случајот на педофилија да се класифицира како злосторство, а не како прекршок.
Што правиме ние? Да, секако дека водиме борба против ова насилство, со проекти финансирани од оваа или онаа амбасада, поткрепени со дебати во сали. Јавноста дознава за нив преку двеминутно известување од настанот на телевизиите, во кои доминираат најчесто бројки на пријавени случаи на педофилија, или преку пишани 20 реда на порталите. Има ли дебати на таа тема? Нема. Има ли разговор или наменски емисии со жртви на педофилија и сексуално насилство? Нема.

Весна е првата јавна личност што прозборе за една толку тешка тема. Верувам дека ако имаше поддршка, ќе се вклучеше во кампања против педофилија и насилство. Билборди со ликот на Весна и малата Мина ќе ги поттикнеа децата и мајките што живеат со иста траума јавно да зборуваат. Од друга страна, ќе им докажеа на педофилите и насилниците дека има храбри деца и мајки. И на крај, ќе ги поразеа малограѓаните.
Секоја чест, Бејби, само напред. Твоите деца и дома и во актерското школо го читаат Достоевски. Ако те озборуваат зад грб, тоа значи дека секогаш си чекор пред нив.

Пишува: Соња Алексоска-Неделковска, новинарка

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема