X
 01.01.2020 Наша тема

КОЛУМНА: БИДЕТЕ БЛАГОДАРНИ

Кога ќе излезете надвор, кажете му на ветрот благодарам зашто само тој успева да најде решение за загаденоста

Боб Проктор, познат од филмот „Тајна“, за милиони луѓе во светот претставува жива легенда, мајстор и учител на Законот на привлекување, кој 50 години работи во доменот на ментални потенцијали. Името на овој Канаѓанец, роден во 1935 година, е синоним за успех.

Проктор во едно од своите видеа објаснува дека не треба да бидеме задоволни со тоа што го имаме, но секогаш треба да бидеме благодарни за тоа што го имаме. Според него, патот на самоанализата и самосвесноста ни помага да сфатиме дека секој дел од нашиот живот е благослов и треба да бидеме благодарни за тоа.

Исто така, разни студии покажале дека луѓето што практикуваат благодарност на дневна основа имаат подобро здравје и позитивно гледаат на околината.
Многумина ќе речат дека во овие тешки времиња не постојат причини да бидеме благодарни. Но, ако сметате дека никој не е вреден за вашата благодарност, тогаш знајте дека треба да се заблагодарувате за свое добро, а не за туѓо.


Соња Алексоска-Неделковска

Наутро кога ќе ги отворите очите, заблагодарете се што сте дочекале уште еден нов ден од својот живот, без разлика што вашата агенда ќе биде тешка и напорна. Лесно е да се заблагодариш за убавините. Но, кога сè во животот би се одвивало мазно, тогаш никогаш нема да станеме луѓе со интегритет и цврст карактер.

Бидете благодарни што сте се разбудиле во топол дом. Помислете само на тие луѓето што спијат под некој мост, во парк, на температури под нулата. Со валкана облека, искинати чевли, без ќебе. На перница од суви корки леб и пластични шишиња.

Кога ќе излезете надвор, кажете му на ветрот благодарам зашто само тој успева да најде решение за загаденоста и да ги „сотре“ штетните ПМ-честички од воздухот. Искористете ја можноста да си кажете себеси: „Дишам, значи постојам!“

Тој ден не чувствувате болка. Заблагодарете се зашто ништо не е поважно од вашето здравје. Сетете се на оние луѓе што по голготата низ болничките ходници едвај успеале да најдат болнички кревети, стари, млади, деца, лежат на чаршафи, поткинати и пократки од вообичаените, со страв дали утре ќе ги отворат очите. Никој не докажал дека постои месец, година или возраст кога не можеме да се разболиме.

Бидете благодарни дека сѐ уште немате сè што сакате зашто така би ја скратиле радоста и за ситни нешта, кои се основа на животот. Никој не ја пронашол границата за материјалното, да застанеме пред неа и да кажеме доста ни се пари, доволно е.

Погледнете ја семејната фотографија и бидете благодарни што најмилите се тука, околу вас. Ако не ги видите, ќе ги слушнете. Срцето ви е полно со радост, а не со тага по загубата на блиска личност, која ви ја разорува секоја клетка од телото. Нема лек за минатото и за смртта.

Тешко ви е и напорно на работа. Помислете само како се чувствуваат младите и едуцирани личности кои не успеале да се вработат овде, во својата земја, зашто се независни и не се заразени со вирусот на политиката. Сега се расфрлени по светот и се занимаваат со професија која можеби е под нивните морални и интелектуални критериуми.
Оние што ќе се изборат со тешкотиите се развиваат како личности и напредуваат и успеваат во животот. Затоа треба да сме благодарни за горчливите искуства, зашто знаеме дека носат поуки и сила.

Деновиве кога празнуваме, покрај честитките и желбите, не заборавaјте да се заблагодарите што испративте една, а дочекувате друга година во животот.

Благодарноста е прекрасна емоција која прави да се чувствуваме добро и во својот живот да привлекуваме уште многу убавини на кои треба да бидеме благодарни. Но, секогаш имајте на ум - да се биде благодарен и да се согласиме на помалку отколку што заслужуваме не е исто.

Пишува: Соња Алексоска-Неделковска, новинарка

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема