X
 16.10.2019 Култура

Андреа Мирческа ја доби наградата „Златен орикс“ за млад џез-музичар

Басистката Андреа Мирческа ја доби наградата за најдобар млад џез-музичар „Златен орикс“ што ја доделува „Катар ервејс“ – авиокомпанија поддржувач на Скопскиот џез-фестивал, кој ќе почне утре и ќе трае до 20 октомври. „Златен орикс“ се доделува трета година. Претходните две години признанието го добија пијанистот/клавијатурист Филип Димишковски и тапанарот Виктор Филиповски.

- Среќна сум што годинава сум добитник на оваа награда. Особено што мислам дека признанието доаѓа во време кога сè уште сум на почетокот на мојата музичка кариера, што е индикација дека го направив вистинскиот избор кога станува збор за музиката. Оваа награда ќе биде поттик да продолжам да работам на мојот сопствен развој и да понудам нови и квалитетни проекти - изјави Мирческа за наградата, која ѝ беше врачена вчера.



Таа студира џез-контрабас на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Кирил Туфекчиевски, каде што во моментот е дипломец. Веќе стекна значително искуство во џезот преку повремени настапи со групата „Летечки пекинезери“, а воедно беше дел од музичкиот фестивал во Сараево, учествуваше и на голем број концерти на Јордан Костов трио.
Покрај редовните настапи на клупските џез-свирки во Скопје и другите градови во земјава, таа моментно е вклучена во најновиот авторски проект „Шамба“ на гитаристот Бојан Петков. Вклучена е и во многу уметнички проекти, како што се ГОДО, Танго Ритмо, ЗиБомб Лабаво и Фанки и други.

Од „Катар ервејс“ соопштија дека се горди што ги поддржуваат наградите кои придонесоа за развој и популаризација на џезот кај музичарите и пошироката јавност.



- Се надеваме дека годинашниот добитник на наградата ќе биде дополнителна мотивација за другите музичари да се фокусираат на оваа насока и да создадат квалитетна џез-музика. „Катар ервејс“ е тука за да ги препознае и вреднува нивната напорна работа и квалитет - изјави Алтај Шабан, комерцијален директор на оваа авиокомпанија.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура