Скопскиот џез-фестивал ги прави финалните подготовки во пресрет на јубилејното 40. издание, со најава за гостување на музичари од САД, Куба и од Европа. Фестивалот, кој ќе трае од 20 до 24 октомври, ќе се одвива целосно во живо во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар, за разлика од лани кога некои концерти беа ексклузивно пренесувани од далечни локации.
Фестивалот ќе го отвори шведскиот саксафонист Матс Густафсон, а од САД доаѓаат квартетот на басистката Линда Меј Хан О и култната музичарка, поетеса и активистка Мур Мадер, која ќе ја придружуваат Густафсон и легендарниот перкусионист на „Арт Ансамбл оф Чикаго“, Дуду Којате.
Гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот лисабонски андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту.
Еден од ексклузивитетите на јубилејното издание на Скопскиот џез-фестивал е специјалниот проект „Ну мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов.
Фестивалот ќе го затвори славниот кубански пијанист Роберто Фонсека со неговото трио.
фото: Unsplash