Тие можат да одат и да летаат, а мажјаците можат дури и да пеат љубовни песни кога се додворуваат, и сето тоа со мозок кој е помал од главата на иглата.
Првпат научниците што го проучуваат мозокот на мувите ги утврдиле позицијата, обликот и врските на секоја од неговите 130.000 клетки и 50 милиони невронски врски. Тоа е најдетална анализа на мозокот на возрасно животно досега.
Еден од водачите на истражувањето истакнал дека тоа ќе даде нов увид во „механизмот на размислување“. Д-р Грегори Џеферис од Лабораторијата за молекуларна биологија на Советот за медицински истражувања (LMB) при „Кембриџ“ изјави дека моментално немаат идеја како мрежата на мозочни клетки во секоја од нашите глави ни овозможува да комуницираме со другите и со светот околу нас.
Какви се тие врски?
- Како сигналите патуваат низ системот што ни овозможува да обработуваме информации за да препознаеме нечие лице, што ви овозможува да го слушнете мојот глас и да ги претворите овие зборови во електрични сигнали? Мапирањето на мозокот на мувите е навистина извонредно достигнување и ќе ни помогне да разбереме како функционира нашиот сопствен мозок - изјави д-р Џеферис.
Имаме милион пати повеќе мозочни клетки, или неврони, од мувата што била проучувана. Па, како може дијаграмот за поврзување на мозокот на инсектот да им помогне на научниците да разберат како размислуваме?
Сликите создадени од научниците, објавени во научното списание „Природа“, покажуваат мрежа што е исто толку убава колку што е и сложена. Нејзината форма и структура се клучот за разбирањето како толку мал орган може да изврши толку многу моќни пресметковни задачи.
Д-р Мала Мурти од Универзитетот „Принстон“ во САД вели дека новиот дијаграм за поврзување, научно познат како конектом (сеопфатна мапа на нервните врски во мозокот), ќе претставува „револуција во невронауката“.
- Тоа ќе им помогне на истражувачите подобро да разберат како функционира здравиот мозок. Се надеваме дека во иднина ќе биде можно да се спореди што се случува кога работите ќе тргнат наопаку во нашиот мозок - истакнала таа.
Дијаграмот за поврзување е создаден со пресекување на мозокот на мувата со помош на уред, кој во суштина е микроскопско ренде за сирење, фотографирајќи го секое од 7.000 парчиња и дигитално спојувајќи ги заедно. Потоа, тимот на „Принстон“ користел вештачка интелигенција за да ги изведе облиците и врските на сите неврони.
Но, вештачката интелигенција не била совршена - истражувачите сепак морале рачно да поправат повеќе од три милиони грешки.
Самата мапа била бесмислена без опис на тоа што требало да прави секоја врска, според д-р Филип Шлегел, кој исто така работи во Лабораторијата за молекуларна биологија на Советот за медицински истражувања.
- Овие податоци се малку како „Гугл мапс“, но на мозокот: самиот дијаграм за поврзување помеѓу невроните е како да знаете кои структури одговараат на улиците и зградите. Опишувањето на невроните е како додавање имиња на улици и градови, работно време, телефонски броеви, прегледи и друго на картата - истакнал д-р Шлегел.
Тој верува дека благодарение на оваа нова мапа, светот на невронауката ќе види „лавина од откритија во следните неколку години“.
Човечкиот мозок е многу поголем од мозокот на мувата и сè уште немаме технологија за да ги добиеме сите информации за неговото поврзување. Но, истражувачите веруваат дека можеби за 30 години ќе биде можно да се има конектом на човечкиот мозок. Мозокот на мувата, велат тие, претставува почеток на ново, подлабоко разбирање за тоа како функционира нашиот мозок.
Извор: bbc.com/serbian
Фото: Freepik