X
 16.11.2018 Живот

Еден ден од животот на директор кој станува во 5 часот наутро и десет дена од месецот ги минува на пат

Пирс Констабл, генерален директор во „Дојче банк“, секој ден се буди во 5 часот наутро и минува осум до десет дена од месецот на деловни патувања. Констабл, кој сега живее во Њујорк, има посетено повеќе од 60 земји во периодот додека работи во „Дојче банк“, а живеел и во Лондон и во Дубаи.

Тој секој ден се буди во 5 часот наутро за да вежба и често има втор тренинг подоцна во текот на денот.

- Станувањето рано наутро за да пливам или да седнам на велосипедот во основа е еден час спиење помалку, но тоа ми дава повеќе енергија отколку што би имал кога би останал в кревет. Мислам дека никој не сака да се буди во 5 наутро, но ако ви стане навика, многу е полесно да се прави тоа - вели Пирс.

Вака изгледа еден негов ден кога оди на деловно патување.

Тој вели дека патува толку многу, што некогаш му е потребна некоја минута за да се освести каде се разбудил. Неодамна се разбудил во хотел во Абиџан, во Брегот на Слоновата Коска, каде што пристигнал во недела попладне по 15-часовен лет.

Првото нешто што Констабл го прави секој ден е вежбање. Тој сака да вежба пред некој друг да се разбуди. Лобито во хотелот во Абиџан било празно кога отишол кај базенот, во 6 часот наутро. Се разбудил малку подоцна од вообичаено - во пет и пол - затоа што не му било дозволено да плива пред шест часот.

Констабл обично оди на утринско трчање за да го истражи новиот град, но во текот на престојот во Абиџан закрепнувал од мала повреда, па решил еден час да плива во базенот. Тој вели дека изборот на хотелот обично му се базира на можностите за вежбање што ги нуди.

Периодот околу 7:30 наутро е времето кога Констабл појадува во хотелот со клиентот за да можат да ја испланираат стратегијата за состаноците што ги очекуваат тој ден.

Во 8:30 Констабл и клиентите го чекаа превозот за да одат на првиот состанок. Вообичаено тој користи локални таксиња кога патува, но во Абиџан резервирал хотелски автомобил.

Првиот состанок му почнува во 9 часот. Според Констабл, средбите лице в лице се клучни.

- Ова е бизнис на луѓето и не можам да замислам дека ќе дојде време кога мојата работа ќе може да биде завршена од страна на робот - вели тој.

Констабл обично се обидува да руча со клиентите, но овој пат мора да руча во движење, земајќи еден сендвич половина час по пладне, а меѓу состаноците успева и да заврши со конференциските повици со Лондон, Франкфурт и Хонгконг.

Во 19 часот, по друга рунда попладневни состаноци, Констабл мора да избере меѓу вечера пред летот накај дома или уште половина час вежбање во вежбалницата на хотелот. Тој се решава за вежбањето бидејќи така му е полесно да заспие во авионот.

Во 22 часот тој е назад на аеродромот за да се качи на авион и да си оди дома.

- Годишно летам повеќе од 50 пати и сè уште ги сакам аеродромите и покрај тоа колку непродуктивно време се минува таму. Повеќето луѓе со нетрпение си ги чекаат пријателите или роднините или се возбудени за патувањето на некоја нова дестинација, па енергијата е секогаш позитивна - вели Констабл.

По 15-часовниот лет (од кој голем дел го минува работејќи), Констабл слетува во Њујорк следното попладне и оди на двочасовно возење велосипед за, како што вели тој, да си ја поврати енергијата што ја загубил при летот. По неколку часа средување електронска пошта поврзана со работа, тој оди на спиење во околу 21 часот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот