Новата мерка „Шанса за сите“, која опфаќа преквалификација на невработените лица во согласност со потребите на стопанството, ја предложија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Мерката, која треба да биде дел од Оперативниот план за вработување за 2019 година на Владата, беше образложена на информативната сесија на која присуствуваа и првите луѓе на стопанските комори, бизнис-асоцијациите и на други организации.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев појасни дека идејата е да се надмине еден од најголемите проблеми што ги имаат стопанствениците со недостигот на кадар, а од друга страна да им се помогне на невработени лица со тоа што ќе им биде понудена шестмесечна преквалификација која ќе биде поддржана од државата.
Анѓушев кажа дека е потребно образованието да се приспособи на потребите на стопанството и посочи дека во одредени општини во Македонија има диспропорција на образованието на невработените со потребите на компаниите. Како пример посочи дека во една од општините има 12 невработени дипломирани по географија или историја, а едно училиште каде што е потребен само еден наставник. Тој вели дека е јасно дека другите 11 лица нема да се вработат во догледен период и дека треба да им помогнеме да се преквалификуваат и својата среќа да ја најдат во Република Македонија.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставничката на УНДП, Луиза Винтон, и директорката на АВРМ, Билјана Јовановска, на информативна бизнис-средба со претставници на членки на стопанските комори
Фото: МИА
Предлогот е на ниво на општини да се направат анализи за образованието на невработените, а компаниите да номинираат работни места.
- Да видиме кој е заинтересиран за тоа работно место. Да видиме колкав е интересот за таа работа за да предвидиме соодветни средства во Буџетот за 2019 година во Оперативната програма на МТСП, за да го поддржиме преквалификувањето на тој кадар - рече Анѓушев.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека идејата е преку дијалог со бизнис-заедницата да се креираат соодветни мерки со кои ќе се избалансираат понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
- Во 2019 година да им дадеме шанса на сите што имаат образование, а се без работа, да ги приспособиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот. Дебатата е што понатаму, а за тоа можете да ни кажете најдобро вие - рече Царовска.
Оперативниот план за вработување, според неа, дал одлични резултати, а годинава буџетот за вработување е речиси двојно поголем од 2016 година.
Луиза Винтон, постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), потенцира дека УНДП преку своите проекти со националните партнери се фокусира на тоа како најбрзо и најефикасно да се пополни недостигот од квалификувана работна сила.
Претставниците на стопанските комори и бизнисмените го поздравија предлогот на Владата потенцирајќи дека можеби не треба да се чека до 2019 година, туку дека со преквалификација на кадарот треба да се започне веднаш.
Бранко Азески од Стопанската комора на Македонија смета дека ако до пред една година најголем проблем на бизнисмените била наплатата од јавните претпријатија, сега тие најмногу се жалат на недостиг на кадар. Проблемот со невработеноста и недостигот на кадар, според него, мора да се решава со комбинирани мерки. Тој предложи концептот на оваа мерка да биде на краток и на долг рок.
И претставникот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, кажа дека ова е соодветна мерка особено сега кога многу стопанственици се жалат на недостиг на работна сила. Некои од бизнисмените размислувале и за увезување работници од странски пазари, а најболна точка, според него, е градежништвото. Од друга страна, многу работници ја напуштаат државата, додава тој.
Вицепремиерот посочи дека е потребно подигнување на стандардот на граѓаните. што би значело и повисоки плати. Сепак, според него, единствен начин е државата да се индустријализира и да се инвестира во технологија и знаење.
Извор: МИА