На крајот од август почна изградбата на идното модерно глобално седиште на „Бугати Римац“ и „Римац технолоџи“, во вредност од 200 милиони евра. Опсегот и амбициите на новиот кампус „Римац“ се големи, што го прави еден од најголемите комплекси за истражување, развој и производство во Европа, не само во автомобилската индустрија.
Како седиште за истражување, развој и производство, новиот комплекс ќе ѝ овозможи на компанијата да го зголеми капацитетот за развој и производство од мали сериски проекти, кои до неодамна беа доминантна дејност на компанијата, до големо производство на електрични погонски системи, батериски системи и други технологии развиени за светските автомобилски компании.
Истовремено, на кампусот ќе се произведува „римац невера“, како и клучни компоненти за идните модели на „Римац“ и „Бугати“. Кампусот има изградена површина од 100.000 квадратна метри и вкупна површина од 200.000 квадратни метри.
Со тест-патека што го опкружува комплексот, музеј, дизајн, инженеринг и капацитети за производство и тестирање, новиот кампус ќе биде единствена локација и глобално седиште за „Римац груп“. При дизајнирањето на кампусот хрватското архитектонско биро „3LHD“ посветува посебно внимание на интегрирање на филозофијата на компанијата и исполнување на сите неопходни критериуми од долгата листа со потреби и желби на корисниците на кампусот.
- Кампусот „Римац“ е посебен проект за мене. За секоја компанија, најважни се луѓето кои ја сочинуваат таа компанија. Отсекогаш ми било исклучително важно да создадам најдобра можна средина за вработените - на секој начин. Кога сте во врвна средина, полесно е да креирате врвни производи. Со кампусот сакаме да го постигнеме токму тоа - да го создадеме најдоброто можно место за престој, работа и креативност, но не само за нашите вработени. Сакаме кампусот да стане место каде што вработените, клиентите, инвеститорите, студентите и пошироката јавност ќе се среќаваат. Дополнително, за нас е исклучително важно да бидеме максимално интегрирани во животната средина и да бидеме климатски неутрални. Иако наскоро ќе отвориме повеќе локации во други земји, Хрватска секогаш ќе биде нашиот дом, а кампусот јасно го покажува тоа. Сите идни модели на „Бугати“ и „Римац автомобили“, како и компоненти за други производители на автомобили, ќе бидат развиени и дизајнирани на оваа локација. Поради брзиот раст, ни недостигаше простор, па конечно треба да го решиме тоа со кампусот. Со повеќе од 70.000 квадратни метри производствен капацитет, кампусот ќе ни обезбеди простор за уште подлабока вертикална интеграција и големо производство на компоненти што веќе ги развиваме за други производители - вели извршниот директор и основач, Мате Римац.
Со оглед на брзата стапка на раст на компанијата, кампусот е дизајниран да се шири со текот на времето. Долгорочно на новата локација ќе се вработат повеќе од 2.500 лица, што е двојно повеќе од сегашниот број вработени во групацијата Римац.
Просторите се дизајнирани да бидат пријателски, отворени и топли. Една од вредностите на Римац е фокус на благосостојбата и учењето на вработените. Како резултат на тоа, во кампусот ќе има соба за игри, фитнес, едукативен центар, ресторан, па дури и градинка за децата на вработените и засолниште за животни. Во согласност со фокусот на иновациите и одржливоста, новиот комплекс ќе има многу паметни и уникатни карактеристики. Меѓу нив се „градското мочуриште“ и ливади, градина на покривот на ресторанот, одгледување храна, домашни животни и друго.
Во новиот кампус ќе има и просторија за конфигурација, музеј, бар и малопродажен простор. За разлика од повеќето локации во автомобилската индустрија, каде што се поставени високи огради и нивоа на тајност, кампусот „Римац“ ќе биде отворен за јавноста и пожелна е интеракција помеѓу посетителите, гостите, љубопитните и вработените. Планираните финансиски инвестиции во проектот надминуваат 200 милиони евра и се целосно финансирани од компанијата со кредити од деловните банки. Работите се во полн ек, а завршувањето на првата фаза е планирано за 2023 година.
Фото: Rimac Technology