Наоѓањето на смислата на животот би можело да го намали ризикот од рана смрт, се заклучува во новото истражување на Медицинскиот факултет во Калифорнија.
Истражувачите во САД откриле дека луѓето што сметаат дека ја пронашле смислата на животот се во подобра физичка и психичка состојба и имаат поголема веројатност да живеат подолго. Луѓето што сè уште ја бараат, имаат полошо ментално здравје и лошо когнитивно функционирање.
- Многумина размислуваат за целта на животот од филозофска перспектива. Смислата на животот е поврзана со подобро здравје, а можеби и долговечност. Оние што имаат смисла се посреќни и поздрави од оние што немаат - вели д-р Дилип Јесте, професор по психијатрија и невронаука на Медицинскиот факултет во Сан Диего.
За истражувањето тимот прегледал податоци на повеќе од 1.000 возрасни учесници на возраст од 21 до 100 години. Оние што рекле дека ја пронашле смислата на животот имале подобро физичко и ментално здравје, иако деталите за тоа како се мери не се јасни. Сепак, потрагата по целта на животот била поврзана со полошо ментално здравје и когнитивно функционирање. А врската со здравјето се разликувала кај постарите и помладите од 60 години - возраст на која присуството на смислата и потрагата по неа се на најниска точка.
Фото: Depositphoto
- Кога сте млади, на пример, во дваесеттите години, не сте сигурни во вашата кариера, животниот партнер и кои сте како личност. Ја барате смислата. Кога ќе почнете да влегувате во 30-тите, 40-тите и 50-тите, ќе имате посилни врски, можеби ќе бидете во брак и ќе имате семејство и ќе бидете сигурни во кариерата. Потрагата се намалува, а се зголемува смислата. По 60-тата година работите почнуваат да се менуваат. Луѓето се повлекуваат од работа и почнуваат да го губат идентитетот - вели д-р Јесте.
- Се јавуваат здравствени проблеми и некои пријатели и членови на семејството полека заминуваат. Повторно почнува да се бара смислата бидејќи значењето што некогаш сте го имале сега се променило - наведува истражувачот.
За идните истражувања тимот планира да испита други подрачја - мудроста, осаменоста и сочувството за да види како ова влијае врз животната смисла.
- Сакаме и да испитаме дали некои биомаркери на стрес и стареење се поврзани со барање и наоѓање на смислата на животот - изјави д-р Јесте.
Едно истражување спроведено на 7.000 Американци на средовечна возраст открило дека оние што немаат силна животна цел имаат двапати повисок ризик да починат во наредниот петгодишен период, главно од кардиоваскуларни болести и тоа без оглед дали се богати и без оглед на полот, расата и нивното образование.
Заклучокот е дека целата во животот е важен фактор за намалување на ризикот од смрт.