X
 28.01.2021 Наша тема

Вложувањето во науката е основа за зголемен индустриски развој на земјата, вели проф. д-р Јадранка Блажевска-Гилев, в.д. декан на ТМФ

Во рамките на наставата, согласно развојот на науката и индустријата, се осовременуваат студиските програми, вели проф. Блажевска-Гилев. А за тоа како течеле студиите и што им овозможиле, споделија четворица инженери, поранешни студенти на ТМФ

Динамично учење, професори отворени за консултации, соработка, но и за забелешки, многу практична настава, постојано информирање на студентите за можноста за доедукација и во земјава и во странство, поддршка, посветеност се само дел од нештата што ги издвојуваат поранешни студенти на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на студирањето се работи многу, но сето тоа носи плод. Дел од нив се успешни академски граѓани во земјава, дел во странство. А научноистражувачката работа и практичните вежби се дел од наставата и во пандемија. Проф. д-р Јадранка Блажевска-Гилев, декан на ТМФ, објасни како се организираат за да не трпи образованието и научноистражувачката работа, кои се клучни за индустрискиот развој на земјата.

- Во услови на вонредна состојба и актуелната пандемија на Ковид-19 во државата, ТМФ како еден од водечките технички факултети на УКИМ успешно одговори на предизвиците поврзани со реализирање на наставата по електронски пат. Согласно уредбите што беа донесени од страна на Владата и УКИМ, наставниот кадар целосно премина на онлајн-предавања, пресметковни вежби, колоквиуми и испити користејќи ја платформата „Мајкрософт тимс“. Лабораториските вежби со студентите, пак, се изведуваат со физичко присуство во помали групи, а сите се придржуваат кон протоколите за безбедно работење во услови на пандемија. Освен тоа, непречено се изведуваа и онлајн-одбрани на една докторска теза, четири магистерски тези, како и четириесетина онлајн-одбрани на дипломски работи. Соработката и поддршката со техничките факултети при УКИМ, како и дисеминацијата на искуствата со нашите колеги од европските универзитети овозможуваат солидна основа за натамошен прогрес и современ развој на факултетот - вели проф. д-р Блажевска-Гилев.

Зголемени можности за примена на знаењата

Технолошко-металуршкиот факултет повеќе од шест децении имплементира знаење и научни достигнувања, произведува инженери, успех, со цел создавање нови, иновативни и поквалитетни производи во металната, полимерната, керамичката, прехранбената и фармацевтската индустрија, во хемиското, текстилното инженерство и модата.

- Во рамките на наставата, согласно развојот на науката и индустријата, се осовременуваат студиските програми, нудејќи им на студентите зголемени можности за развивање на нивната креативност, способност за тимска работа и поголема практична применливост на теоретските знаења - објаснува проф. Блажевска-Гилев.

Проф. д-р Јадранка Блажевска-Гилев

Освен осовременување на наставните програми на Технолошко-металуршкиот факултет, вели таа, особена заложба на наставниот и соработничкиот кадар е во одржување континуитет во научните достигнувања во сите дисциплини што ги негува факултетот.

- Всушност, основата за развој на една држава, покрај унапредувањето и развивањето на образовниот систем, е вложувањето во науката, поконкретно вложувањето во научноистражувачката дејност, кое е главен фактор и покренувач на целокупниот стопански и општествен развој. Сериозната посветеност на наставниот и соработничкиот кадар е основа за успешност на нашите дипломирани инженери. По завршувањето на студиите, секој од нив го започнува својот професионален развој во некоја од компаниите или го започнува својот научноистражувачки развој. Најголемиот мотив за што поголема заложба е она што нашите студенти го споделуваат како искуство од нивните студентски денови - вели проф. Блажевска-Гилев.

За тоа како течеле студиите и што им овозможиле, споделија четворица инженери, поранешни студенти на ТМФ.

Моника Донева: Висок квалитет, можност за активности надвор од формалната средина

Кога се навраќам на моето искуство на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, се чувствувам горда што бев дел од првата генерација студенти на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии. Благодарна сум не само за стекнатото теоретско и практично знаење, туку и за прекрасната соработка со колегите и професорите. Релативно малиот број студенти овозможи висок квалитет на образованието, како и поддршка во развивање на нашиот потенцијал. Го ценам тоа што професорите беа заинтересирани за нашето искуство на факултетот и ги имаа земено предвид сите наши предлози и забелешки за да ја подобрат наставната програма и нејзината реализација за идните студенти.
Значаен дел од студиите за мене беше и можноста за активности надвор од формалната програма. По завршувањето втора година посетив летен курс за наноматеријали во Брно, Чешка, реализиран од студентската организација БЕСТ. Истото лето, соработката помеѓу Технолошко-металуршкиот факултет и индустријата ми овозможи студентска пракса во Одделот за контрола на квалитет во една од врвните компании во Македонија, Цементарница Усје.



Ова беше моето прво позначајно практично искуство, каде што се запознав со методите за анализа на цемент, суровини и горива. Во наредниот период имав можност да бидам вклучена во научноистражувачката дејност на факултетот, конкретно од областа на керамичките материјали и нанокомпозитните сензори. Резултатите од оваа работа беа претставени преку усни и постер-презентации, со кои учествував на неколку студентски конференции во Македонија и во Србија. За мене, ова претставуваше вовед во научноистражувачкиот процес и академското пишување, кои се од големо значење за инженерската струка.
По завршувањето на додипломските студии започнав со работа како млад истражувач на меѓународниот проект „Графен/Полимер базирани сензори“, финансиран од страна на НАТО. Во овој проект стекнав искуство со ласерската аблација, која претставува интересна и актуелна техника за добивање тенки филмови, како и со повеќе техники за карактеризација на овие филмови.



Освен на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во рамките на овој проект ми беше овозможено да работам во современите ласерски лаборатории на еден од институтите на Чешката академија на науките. Академските студии, повторно во областа на материјалите и нанотехнологиите, ги продолжив на прворангираниот универзитет во Италија, Politecnico di Milano, и во моментов започнувам со работа на магистерскиот труд. Оваа одлука и самото студирање во странство со себе носеа многубројни предизвици, за чие совладување од голема помош ми беа знаењето и вештините стекнати на Технолошко-металуршкиот факултет.

Марија Прошева: Лесно и брзо учење, развој на истражувачки и академски вештини

За мене, стекнатите знаења за наноматеријалите и инженерството на материјали за време на додипломските студии беа одлична основа за продолжување на моето образование во сферата на полимерите и полимерните нанокомпозити, но и за мојата работа како млад истражувач на НАТО-проектот „Графен/полимер базирани сензори“.



При извршување на обврските како млад истражувач, од голема полза ми беа истражувачките и академските вештини што ги развив благодарение на интердисциплинарноста на оваа насока. Тоа за мене значеше лесно и брзо учење и применување различни методи за синтеза и испитување на сензори базирани на полимерни нанокомпозити при истражувачката работа на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, но и при истражувачките престои во различни институти во Шпанија и во Германија. Неодминлив дел од студирањето на ТМФ се професорите, кои со задоволство им го пренесуваат своето знаење и искуство на студентите, мотивирајќи и охрабрувајќи ги секогаш да го даваат својот максимум при остварување на поставените цели. Достапноста на професорите за соработка со студентите е поттик студентите да се ангажираат во научноистражувачката работа на факултетот, а потоа и да земат учество на различни студентски конгреси, конференции или симпозиуми.



За мене, еден од најдрагите спомени при студирањето на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии беа токму учествата на студентските конгреси. При учеството на Четвртиот симпозиум за потенцијал на животната средина, одржлив развој и производство на храна (Fourth symposium of Environmental potential, Sustainable development and Food production) во Тузла, Босна и Херцеговина (2015) освоивме прва награда за најдобра постер презентација. Оваа награда беше дополнителен мотив да продолжам со научноистражувачка работа на ТМФ.

Небојша Левковски: Многу интеракција, силни контакти со професорите

Студирањето на Технолошко-металуршкиот факултет, од моето лични искуство, можам да кажам дека е навистина динамично, додека институцијата преку своите професори им овозможува атмосфера за континуирана надградба на новите студенти. Она што е единствено и карактеристично за насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии е тоа што предавањата најчесто се одвиваат во мали групи, со што се овозможува оформување на силни контакти со професорите и притоа дозволува поголема интеракција. Ваквиот однос во текот на моите студии придонесе за отворање можности, како што се учество на студентската конференција организирана од Сојузот на хемичари и технолози, како и учество на повик за иновативни идеи од областа на одржливиот развој организиран од ТИТАН Цементарница УСЈЕ и Пакомак како индустриски партнери. Секако, ваквите учества подразбираат во најголем дел личен ангажман на студентот, но професорите од оваа насока со својата “open door policy” се навистина секогаш достапни за прашања, соработка и менторство низ сите активности, во согласност со областа на професорот, што е од исклучителна важност.

Дополнително, факултетот преку професорите и својата веб-страница континуирано објавува тековни повици за учество на локални и интернационални настани, преку кои имав можност за учество на работилница за напредни технологии во Патрас, Грција. Од поминатите четири години на оваа насока, можам слободно да кажам дека стекнатите знаења се доволна основа за понатамошен развој, додека на студентот секогаш му се оставени на располагање сите човечки и материјални ресурси на факултетот преку кои може да се надградува во својата област.

Ана Трајчева: Поддршка и работа во најсовремени лаборатории

Студиската програма Инженерство на материјали и нанотехнологии има голем придонес врз мојот развој како млад истражувач, претставувајќи почеток на една инженерска приказна која продолжи со изучување на постдипломски студии на насоката Нови материјали-полимери.



Стекнувањето знаење и вештини од областа на материјалите, можноста да работам како млад истражувач во рамките на НАТО-проектот „Графен/Полимер базирани сензори“, многубројните учества на интернационални конгреси презентирајќи ги постигнатите резултати, како и неколкуте истражувачки престои во Институтот за полимери „Полимат“, Шпанија, работејќи во најсовремените лаборатории за полимерни материјали, се само дел од многубројните искуства што ги нуди овој факултет.



Морам да напоменам дека сите овие случувања, вклучувајќи ги постојаната поддршка, посветеноста и професионалниот пристап на професорите, имаат огромно влијание врз развојот на моето образование и научноистражувачка кариера, дополнително зголемувајќи ја желбата за поставување нови цели и нивна реализација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема