Фрустрирачки е за секој универзитетски професор кога ќе види дека неговите најдобри дипломирани студенти работат во бутици и кафе-барови
Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола преку серија активности со Универзитетското студентско собрание, заедно со новоизбраната претседателка, има цел да ги разбуди студентите и да поттикне студентски активизам во овој период на песимизам кој, дополнително со оваа онлајн настава и пандемијата, придонесува намалувањето на динамиката на студентски активности.
Студентот на прво место и генерално вклучување во севкупните процеси на нашиот универзитет, преку креирање на студентските програми, колку тие се задоволни, можностите за поголема студентска пракса, но воедно и вклучување на студентите во проверка на квалитетот и евалуација на знаењата што се особено значајни. Значи, сакаме да направиме студентите да бидат актери во сите процеси на нашиот универзитет во првиот, вториот и третиот циклус. Не само да бидат слушатели на предавањата кои треба да го репродуцираат знаењето кое го пренесуваат нашите професори, туку едноставно со еден партнерски однос да го подигнеме поголемиот активизам на студентите.
Се сеќаваме дека во изминатиот период студентите преку штрајкови и протести креирале промени на јавното мислење, менувале влади, правеле класични големи промени во државата и општеството. Во ова незадоволство кај младите, кога го напуштаат македонското општество и на ја гледаат својата иднина дома, сепак сметам дека со овој студентски активизам, ние, студентите и професорите треба да си помогнеме и преку конкретни проекти, со подигнување на студентскиот стандард.
Заедно со државата, но и универзитетите, да развиеме еден Фонд за поттикнување и пронаоѓање на талентираните студенти, кои ќе ги поттикнеме заедно со МОН повеќе да се занимаваат со наука и практични истражувања. И најдобрите студенти да ги задржуваме да бидат кадар кој ќе се занимава со истражување, но и помлади асистенти за кои има насушна потреба на нашиот универзитет.
Дополнително, УСС ќе биде партнер на УКЛО во поттикнување на меѓународната соработка, во размената да ги користат фондовите ЕРАЗМУС и на тој начин да бидат и амбасадори на нашиот универзитет. Да видиме каква пракса им е потребна, колку се задоволни оваа 1,5 година од наставата онлајн, кога имаме настава во основното и во средното образование која се спроведува во живо, кои се нивните размислувања, дали е потребно во следниот семестар нешто да се промени. Едноставно, студентот да биде на прво место, да го поттикнеме студентскиот активизам и да се пробудат студентите, да бидат креатори и двигатели во високообразовниот процес на УКЛО.
Ако се има предвид дека идните академски граѓани се главниот столб на секоја држава, колку нашата држава посветува внимание за подобар стандард на студентот кога сме сведоци дека има одлив на мозоци?
Сметам дека дополнително изнаоѓање финансиски средства за формирање Фонд за поттикнување на талентираните студенти е механизмот со кој МОН може многу повеќе да направи за подигнување на студентскиот стандард.
Гледаме дека дел од средствата се одвоија за студентскиот оброк, односно додаток кој сега е финансиран од државата, но тоа е недоволно затоа што кога ќе видите дека вашите најдобри студенти се наоѓаат и работат во бутици, кафе-барови, без да им се даде шанса, ние, како високообразовни установи да им понудиме да останат како помлади асистенти, демонстратори, навистина е фрустрирачки за еден универзитетски професор да не може на најдобрите десет студенти на универзитетот да им понуди работа. Оттука сметам дека освен меморандуми, декларативни говори на почетокот на универзитетската година или при промоцијата на дипломираните студенти со учество од Универзитетот, но и претставници од Владата, треба многу попрактично да ја манифестираме заинтересираноста и она што сме го потпишале како договор со многубројните агенции и министерства, првите десет студенти на државните универзитети секоја година мора да го најдат своето место со вработување и понуда во државната и јавната администрација, или други можности на нашиот универзитет.
Има ли пад на студентскиот активизам!?
Едноставно, треба да ги убедиме нашите студенти дека припадноста и земањето партиска книшка од една или друга политичка партија не е важна работа. Тие припаѓаат на универзитетската заедница, ја имаат најголемата книшка, а тоа е индексот. Сметам дека има активност од студентите, но таа не е доволна. Можностите што ги дава Законот за високо образование за формирање на Универзитетското студентско собрание и претходните лоши искуства во изминатиот период со различни злоупотреби и партизација на студентското движење придонесоа за деактивирање, односно за немање интерес кај самите студенти. Еве, втора година ги користиме можностите што ги дава новиот Закон за високо образование, преку формирање и избор на студентски лидер на Универзитетското студентско собрание, да ги поттикнеме студентите. Но тоа не е доволно, особено кај помладите студенти од прва, втора година. Навистина сметам дека треба да си помогнеме, затоа што Универзитетот им припаѓа на студентите и тие треба да креираат, да учествуваат од самиот почеток, од подготовката на студиската програма, колку делови треба да има за практичната настава и сл. Значи имаме, се будат, но не доволно за да партиципираат и креираат на Универзитетот.
Заедничка цел е уште поуспешно спроведување на: грижа за квалитетот на животот на студентот и квалитетот на процесот на студирање, студентскиот стандард, остварувањето на студентските права и интереси и за студентската културна, социјална и интелектуална надградба, поттикнување студентски активности надвор од наставниот процес и други работи од интерес за студентите. Ќе се создаде поголема универзитетска понуда за културни, спортски и други воннаставни активности наменети за студентите, преку организирање културни и спортски настани, работилници, семинари, натпревари и други форми и/или воннаставни активности.
Потребно е континуирано промовирање на програмите за мобилност и информирање на студентите за можностите за престој на странски универзитет. Студентите ќе се информираат за воспоставените процеси за обезбедување квалитет, активно инволвирање на студентите во образовни и истражувачки активности, обезбедување сет мерки во функција на подобрен студентски стандард. Ќе треба да биде разгледана во претстојниот период можноста за создавање фонд за стипендирање талентирани студенти и обезбедување внатрешни (и надворешни) финансиски механизми за формирање фонд, како и поставување критериуми за идентификување на талентираните студенти и постојана промоција на услугите на кариерниот центар кај студентите.
Студентскиот активизам има цел да ги информира студентите за нивните права и обврски, начините на кои тие можат да ги остварат своите права и интереси, начините на кои можат да се организираат и учествуваат во работата на факултетите и единиците, како и за механизмите преку кои можат да се заштитат доколку дојде до прекршување на нивните права.
(Комерцијална објава)