Основната разлика помеѓу болката од колкот и болката од половината (долниот дел на грбот) најчесто може да се препознае по местото, типот на болка и движењата што ја влошуваат болката.
• Болка од колкот
Најчесто оваа болка се чувствува во препоните. Може да биде од надворешната страна на колкот, а во поретки случаи болката е лоцирана во задна ложа на глутеални мускули. Болката може да е ирадирачка, односно да се спушта по бутот, но обично не оди под коленото. Присутна е тапа, длабока болка, а може да се интензивира при одење или вртење на ногата. Ја влошува одењето, качувањето по скали, прекрстувањето на нозете или седењето подолго време. Причините за оваа болка може да бидат различни, а најчести се лабрални повреди, тендинит или воспаление на вреќичката над големиот трохантер (бурзит) или артритис (дегенеративно оштетување на зглобот на колкот.
• Болка од половината
Се чувствува на средина или од страна на долниот дел од грбот. Може да ирадира кон задникот, а често оваа болка знае да се пренесе и под коленото, па до палецот на стапалото. Претставува остра, прободувачка болка, а доколку е афектиран (зафатен) и нерв, присутно е пецкање, трнење или слабост на дерматомот (регијата) инервиран од тој нерв.
Оваа состојба ја влошуваат: кревање тешки предмети, наведнување напред, долго седење. Како најчести причини се спомнуваат:
• Ишијас или дискус хернија;
• Мускулен спазам или истегнување;
• Артритични промени на ‘фасетните’ зглобови;
• Стеснување на ‘каналот’ (спинална стеноза);
По што се слични овие два клинички ентитета?
И болката од колкот и од половината може:
• Да предизвикаат болка во задникот или бутот. Зошто?
И двата региона се поврзани со исти мускули и нерви, па болката често се препокрива.
• Да се влошуваат при стоење, одење или подолго седење. Зошто?
Оптоварување на телото може да ја засили болката кај двата клинички ентитета.
• Да предизвикаат ограничени движења. Зошто?
И колкот и половината можат да ги ограничат одењето, наведнувањето или подигањето.
• Да даваат сличен тип болка. Зошто?
Може да биде: остра, тапа, прободувачка или со чувство на замор.
Како можеме најлесно да ги разликуваме овие два клинички ентитета?
• Ако боли во препонска регија → најчесто е колкот;
• Ако болката оди под коленото → најчесто е од половината;
• Ако промена на положбата на ногата ја влошува болката → колкот;
• Ако свиткување или исправување на грбот ја влошува болката → половината;
Дијагностички методи
• Клинички преглед (физикален преглед) – задолжителен за двата eнтитета
Лекарот проверува:
• Опсег на движење (на колк или половина);
• Болност на палпација;
• Сила, чувствителност и рефлекси;
• Тестови за ишијас (SLR тест);
• Тестови за колк (FABER, FADIR, Trendelenburg);
• Рендген (X-ray)
-Открива артритис, деформации, остеофити, скршеници;
• Ултразвук на колк
-Покажува воспаление, течност, бурзит, тендинит;
• Магнетна резонанса (МРИ) на колк
-За повреда на лабрум, проблеми со меките ткива, рана артроза;
• Магнетна резонанса (МРИ) на лумбалeн 'рбет
-Најточно за дискус хернија, стеснување на канал (стеноза), воспаление или притисок на нерв;
• КТ-скен
- Кога е потребна детална оцена на коскена структура или по трауматски повреди;
• Невролошки тестови
-Сила на нозете, рефлекси, чувствителност → покажуваат дали има афекција на одреден нерв и колкав е степенот на афекција;
ТЕРАПИЈА
• Конзервативен третман
• Одмор и избегнување активности што болат;
• Ладни облоги (ако има воспаление) или топлина (за мускули);
• НСАИЛ како ибупрофен, диклофенак;
• Физиотерапија:
o Вежби за јакнење на глутеуси;
o Подобрување на мобилност;
o Корекција на одење;
• Инјекции
• Кортикостероид во зглоб;
• Хијалуронска киселина (артроза);
• PRP (плазма) кај тендинит;
• Хирургија (ретко)
• Лабрална поправка;
• Протеза на колк (кога има тешка артроза);
• Кога има тешка дискус хернија со невролошки слабости;
• Спинална стеноза што не реагира на терапија;
• Трајна невролошка компресија;
• Кога треба да се побара лекар итно?
• Слабост во ногата или стапалото;
• Губење контрола над мокрење/столица;
• Ненадејна силна болка по пад или повреда;
• Висока температура со болка во колк или половина.
Автор: Корнелија Ѓорѓиеска, специјалист по ортопедска хирургија