Хидео Коџима, легендарниот јапонски дизајнер и продуцент на видеоигри, на љубопитниот „гејмерски“ свет, виртуелно им ги отвори вратите од својата нова продукциска куќа „Kojima Productions“.
Минатата година беше прилично турбулентна за него, бидејќи мораше да замине од „Konami“, каде работеше на своето животно дело - серијалот „Metal Gear Solid“. Сепак, ова заминување му отвори нови хоризонти и можности за искажување на својата креативност и талентот во некои нови форми.
Во новото независно студио, Коџима ќе продолжи со продукција на видеоигри според сопствената визија.
Се разбира првата игра што со внимание се очекува е „Death Stranding“, играта што минатата година беше најавена на E3 саемот, а предизвика интерес со својот „откачен“ трејлер каде во главна улога се јавува Норман Ридус.
Коџима востанови тесна соработка со него уште кога работеше на, сега веќе откажаната игра, „Silent Hills“ за „Konami“, каде Ридус требаше да ја добие главната улога. Овој пат, освен него, во новата видеоигра Коџима го носи и одличниот дански актер, Мадс Микелсен.
„Кјубрик на видеоигрите“ како што го нарекуваат Коџима, секако на својот тим им обезбеди максимално квалитетни услови за работа и пријатен амбиент, а дел од таа атмосфера можете да погледнете на фотографиите во продолжение.