Битолскиот моден дизајнер Никола Петровски е единствениот претставник од Македонија на регионалната модна манифестација „Модни мостови на Балканот“, која денес ќе се одржи на платото пред Дворецот Петровиќ во Подгорица, во рамките на програмата за одбележување 20 години од независноста на Црна Гора.
Настанот ќе ги обедини водечките модни имиња од шест балкански земји, меѓу кои се Каја Хорват, Ивица Скоко, Драгана Огњеновиќ, Аднан Хајрулаховиќ Хад, Наташа Пејовиќ и македонскиот претставник Никола Петровски.
За дизајнерот Петровски ова ќе биде прво претставување пред црногорската публика, а воедно и можност да одбележи значаен јубилеј - 30 години модно творештво.
- Првпат се претставувам во Црна Гора со своја колекција и токму кај вас ќе го прославам јубилејот од 30 години модно творештво - изјави Петровски за порталот „Вијести“.
До соработката дошло преку босанскиот дизајнер Аднан Хајрулаховиќ, организатор на модниот настан „Европски моден пасош“ во Сараево, каде Петровски веќе неколкупати успешно ги претставил своите креации.
Фото: Приватна архива/Jure Makovec
Колекцијата „Вода“ - инспирирана од природата и душевниот мир
Во Подгорица, битолскиот дизајнер ќе ја претстави својата нова летна „круз“ колекција „Вода“, составена од 20 модели. Од нив, 15 ќе бидат прикажани премиерно, додека пет креации претходно беа претставени како најава на последното издание на „Европски моден пасош“ во Сараево.
Покрај женските креации, на ревијата ќе бидат прикажани и четири машки модели.
- Колекцијата е инспирирана од водата - дождот, реката и морето. Водата е симбол на здравје и лек за душата - објаснува Петровски.
Поголемиот дел од моделите се изработени од природни материјали - памук, импрегниран памук, памучна трикотажа и вискоза, додека кај дел од креациите се употребени и синтетички материјали.
Во колекцијата доминираат нијансите на сината боја, комбинирани со сребрени детали, апстрактни и геометриски дезени што асоцираат на водата, како и сино-бели линии кои потсетуваат на морскиот амбиент.
Балканската мода има што да понуди
Осврнувајќи се на балканската модна сцена, Петровски смета дека таа успешно чекори во чекор со светските трендови.
- Според она што го следам, најмногу преку социјалните мрежи, кај повеќето дизајнери на Балканот преовладува сличен сензибилитет, но има и авангардни автори кои со својата работа и тоа како можат да им парираат на светските модни имиња - вели тој.
Со своето учество на „Модни мостови на Балканот“, Никола Петровски не само што ќе го одбележи својот тридецениски јубилеј, туку ќе ја претстави и македонската модна сцена на еден од најзначајните регионални модни настани ова лето.
Фото: Приватна архива