X
 09.02.2017 Култура

Одат до Кокино и Герман за да ја сликнат длабоката вселена

Планетите се сјајни и за нив е доволно да се излезе од Скопје за да се избегнат влијанијата кои ги има градската средина врз атмосферата. Но, објектите од длабокото небо, како ѕвездените јата, маглините и галаксиите се многу оддалечени од нас и затоа многу бледи. За да ги фотографираат, неколкумина членови на „Скопското астрономско друштво“ одат на најтемните локации во нашата држава, далеку од светлосното загадување

Како изгледа вселената? Ако сте заразени со астрономија, во Музејот на град Скопје од вчера се изложени фотографии од ѕвездени траги, ноќни пејсажи, објекти од Сончевиот систем, бројни маглини и ѕвездени јата, блиски и далечни галаксии.


Аурора Бореалис, фотографирано во Нелим, Финска, 2015

Насловот на изложбата е „Поглед во недоглед“. Сите изложени дела се снимени во изминатите три години, а го фотографирале членови на „Скопското астрономско друштво“ на повеќе локации во Македонија и во Европа.

Каде се направени фотографиите? Филип Парталовски од „Скопското астрономско друштво“ објаснува дека локацијата ја одбираат во зависност од тоа што го фотографираат. Вели дека планетите се сјајни и за нив е доволно да се излезе од Скопје за да се избегнат влијанијата кои ги има градската средина врз атмосферата. Но, објектите од длабокото небо, како ѕвездените јата, маглините и галаксиите се многу оддалечени од нас и затоа многу бледи. За да ги фотографираат, одат на најтемните локации во нашата држава, далеку од светлосното загадување.


Композитна фотографија од премин на Меѓународната вселенска станица преку дискот на Месечината. Телескоп: TS 10", f/8. Камера Canon 5DMKII, ISO400, 1/200s. Март, 2016

- Добра локација во близина на Скопје е планината покрај езерото Козјак, но подобри се планинските предели во Северна Македонија, на пример во околината на Кокино или селото Герман. Фотографиите ги направивме неколкумина членови. За нас астро-фотографијата е примарна активност во Друштвото. Секојдневно посветуваме време за надградба на нашето знаење и размислуваме кој следен објект да го фотографираме - објаснува Парталовски.

Според него, постојат различни видови астро-фотографија, зависно од објектот што се слика и расположливата опрема. За почеток доволни се само фотоапарат со широк објектив и троножец. Може да се фотографираат Млечниот пат или ѕвездени траги (односно привидно кружно движење на ѕвездите) кои се јавуваат заради ротација на Земјата.


Емисионата маглина Лагуна (M8). Камера: Atik One 9.0 @ -20°C. Телескоп: Takahashi FSQ 106ED. Филтри: теснопојасни H-alpha/SII/OIII. Јуни 2016

Фотографирањето на објектите од длабокото небо е далеку потешко. Процесот опфаќа поставување и конфигурирање на телескопска монтажа која во себе содржи механизам за ротирање наспроти ротирањето на Земјата, но бара монтажата да биде прецизно насочена кон ѕвездата Северница.


Спирална галаксија Андромеда (М31). Камера: Canon 50D, 22х3min, ISO800 Телескоп: William Optics 72mm, f/6. Август 2016

- На монтажата се поставува телескоп, на кој преку соодветни адаптери се поставува дигитален фотоапарат. Постојат два вида телескопи, зависно од тоа дали содржат леќи (рефрактори) или огледала (рефлектори), а типот на објект и видното поле кое сакате да го фотографирате ќе одреди каков телескоп ви е потребен. Постапката на фотографирање по многу нешта се разликува од дневната фотографија, пред сè кај фокусирање и должината на експозицијата, при што за еден објект се потребни десетици експозиции од 5-10 минути. Често се употребуваат и филтри за проширување на електромагнетниот спектар кон инфра-црвениот појас или обратно, за пропуштање само на одредени бранови должни. По прибирање на податоците, потребна е нивна интеграција и прочистување од несакан сигнал, кој се јавува поради несакани оптички или електронски ефекти (вињети, прашинки на сензорот од камерата, електричен шум од најразлична природа итн). За обработка на астро-фотографии го користиме специјализираниот софтвер по име PixInsight. Употреба на Photoshop (или бесплатниот Gimp) е најчесто ограничена на естетски зафати како што е зајакнување на јакоста на боите (сатурација) - објаснува Парталовски.


Маглината Слонова сурла (IC 1396), Камера: Atik One 9.0 @ -20°C. Телескоп: Takahashi FSQ 106ED. Филтри: теснопојасни H-alpha/SII/OIII. Септември 2016

„Скопско астрономско друштво“ (САД) е здружение на љубители на астрономијата, кое е основано во 1998 г. во Скопје. Целите и определбите на друштвото се ширење и популаризација на астрономијата како наука и обединување на сите љубители на астрономијата во нивната заедничка потрага по повеќе знаење, дружење и ведро небо.


Премин на Меѓународната вселенска станица преку дискот на Сонцето. Камера Canon 50D. Телескоп: TS 10", f/8. Јуни 2016

Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура