Меѓународен тим астрономи ја објавија првата фотографија од раѓање на планета длабоко во вселената.
Фотографијата го покажува развивањето на новата планета околу џуџестата ѕвезда PDS 70, која е лоцирана на околу 370 светлосни години од Земјата.
Новата планета, која го доби името PDS 70b, орбитира околу три милијарди милји од централната ѕвезда, што е приближно на иста оддалеченост како онаа меѓу Уран и Сонцето. Дополнителните анализи покажаа дека новата планета е голема гасовита планета со маса неколку пати поголема од онаа на Јупитер. Планетата е многу пожешка од што и да е во нашиот Сончев Систем, со површинска температура од околу илјада Целзиусови степени.
Фотографијата е направена со напредно парче опрема кое е дел од Многу големиот телескоп (МГТ) на Европската јужна опсерваторија во Чиле.
МГТ
Фото: Wikipedia
Тимот астрономи што ја направиле новата фотографија бил предводен од група од Институтот по астрономија „Макс Планк“ во Хајделберг, Германија. За да можат да ја видат новата планета, телескопот морал прво да ја блокира светлината на самата централна ѕвезда.
- Тие дискови околу млади ѕвезди се родното место на планетите, но досега само неколку опсервации детектираа навестувања на бебе-планети во нив - вели Миријам Кеплер од Институтот.
Откривањето на PDS 70b е значаен настан за астрономите. Со внимателна анализа на податоците за новата фотографија, астрономите можат да утврдат некои хемиски и физички својства на планетата. Ова им дава можност на научниците да ги тестираат теоретските модели на формирање
планети.