X
 26.06.2016 Наука

Астрономите го активираа уредот за набљудување на црни дупки наречен Гравити

Астрономите кои работат на големиот телескоп во Европската вселенска агенција во Чиле штотуку објавија дека уредот за набљудување на црни дупки наречен Гравити е во функција и веќе направил прецизна мерка.


Ова се големи вести бидејќи Гравити ќе им овозможи на астрономите да ја набљудуваат црната дупка во центарот на Млечниот пат. Ова е цел на астрономите од 2002 година, кога била откриена локацијата на црната дупка.

Како функционира уредот?

Уредот ги комбинира четирите помали телескопи кои го сочинуваат големиот телескоп во агенцијата. Со комбинација на светлината од сите телескопи, уредот може да добие резолуција и прецизност во мерењето на локацијата како и телескоп со дијаметар до 130 метри.

Со овој уред, астрономите може точно да ги измерат екстремно оддалечените тела кои не може да ги видат другите телескопи. Со него, тие може да наоѓаат и набљудуваат егзопланети, ѕвезди и црни дупки.

Досега, научниците набљудувале ѕвезда наречена С2 која кружи околу црна дупка која се наоѓа во средина на галаксијата. Со податоците, тимот се надева дека ќе открие дали движењето на ѕвездата ги следи предвидувањата на Ајнштајн или не.

„Овие набљудувања се екстремно тешки бидејќи ѕвездата е многу далеку и е затемнета од гасот и прашината кои се наоѓаат меѓу Земјата и центарот на Млечниот пат“, вели Хавиер Хобуа, научник во агенцијата.

Ѕвездата во прашање се наоѓа на оддалеченост од 26.000 светлосни години. Во 2018 година, ѕвездата ќе биде најблиску до црната дупка, со што ќе се доближи до неа на оддалеченост од само 17 светлосни години додека ќе патува со просечно 30 милиони километри на час.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука