X
 31.08.2022 Наша тема

Две злата и две сребра освоија ученици од охридската гимназија на Меѓународен натпревар по астрономија и астрофизика

Неодамна четири наши средношколци освоија два златни и два сребрени медали на Меѓународен онлајн натпревар по астрономија и астрофизика од вкупно 4.600 учесници од 68 земји во светот, на возраст од 14 до 18 години.

Станува збор за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“: Кристијан Шишкоски и Ева Китрозоска - ученици во трета година кои освоија златни медали и Нина Стевоска и Горазд Блажески - ученици во втора година кои освоија сребрени медали.

Натпреварот се одвивал во 3 дела: квалификациски, претфинален и финален дел. Во првите два дела добиле задачи и прашања на кои требало да одговорат и да ги испратат назад кај организаторите. А во финалниот дел нивна задача била да одговорат на 20 прашања (за секое прашање имале време од 1 минута). Прашањата биле во врска со планетите од Сончевиот Систем, црните дупки, ѕвездите, како и за телескопот „Џејмс Веб“, кој претставува еден чекор напред за луѓето, раскажува Нина Стевоска.

Иако овие две науки не се задолжителни, ниту изборни предмети во нашето образование, учениците од охридската гимназија, мотивирани од љубовта кон физиката, се пријавиле на овој натпревар. Тие со нас ги споделија своите искуства за учењето, нивниот интерес и подготовките за натпреварот.

Медалот е доказ дека за кратко време може да се совлада секој нов предизвик, вели Ева Китрозоска

Ева Китрозоска е еден од добитниците на златните медали на овој натпревар. Таа е трета година и за овој натпревар дознала од својата професорка по математика. Иако немала големи познавања од астрономијата и астрофизиката, решила да се пријави.

- Бидејќи овие предмети не се присутни во нашето образование, мојата професорка и ментор Виолета Никовска ми препорача книги кои ги разработуваат основите на астрофизиката. Постепено нуркав во светот на астрофизиката, која ми стана интересна за проучување. Нормално, за секоја дополнителна информација што ме интересираше пребарував на интернет, а за сите нејасни прашања мојот ментор беше секогаш тука. Поголемиот дел од натпреварот беше заснован на истражување и самите прашања содржеа линкови од експерименти и студии, па како што течеше натпреварот, така го стекнав потребното знаење - вели Ева.

Медалот е мотивација да се насочам во полето на астрофизиката

- Добивањето на медалот за мене претставува мотивација да продолжам во полето на физиката и астрофизиката, но, пред сè, е доказ дека за кратко време може да се совлада секој нов предизвик, со упорност и одлучност. Особено овој дел од физиката, бидејќи го немаме во редовната настава, ми стана нов предизвик и интересно поле на кое можеби во иднина би се насочила.

За своето понатамошно образование, таа се двоуми бидејќи покрај науката, многу се интересира и за уметноста, поточно музичката и ликовната уметност.


Ева Китрозоска

Основата за учење ја добивме од географија и физика, а интернетот нѐ надополнуваше, вели Кристијан Шишкоски

Заедно со Ева, добитник на златен медал е и 18-годишниот Кристијан Шишкоски, кој вели дека неговиот интерес кон овие науки се појавил уште од најмала возраст.

- Интересот за учење астрономија и астрофизика, а и општо за целата физика, ми се појави уште како мал. Многу ми беше интересно да гледам во машини, возила, авиони и да пробам да ја разберам причината зошто работат. Исто така, многу го гледам и небото. Интересен е фактот дека најчудните и најубави работи ни се истовремено и блиску и недостижни. Може многу да се научи само со гледање на ѕвездите и Месечината – вели Кристијан.

За овој натпревар дознал преку друг натпревар. Првично учествувал на натпревар по математика, со иста организација како овој, а по завршувањето на тој натпревар добил е-пошта од која дознал за натпреварот за астрофизика и астрономија. За натпреварот се подготвувал со денови, а голема помош му била професорката Виолета Никовска.

- По предметот физика имаме цели теми посветени на вселената, а и по предметот географија првата тема што ја изучувавме на училиште беше за вселената и Сончевиот Систем. Но, тоа не беше доволно за натпреварот. Дополнително читав статии на „Википедија“ и гледав предавања од професори на „Јутјуб“.

Медалот е потврда за неговиот успех, дека вложениот труд му се исплатил. За своето понатамошно образование сѐ уште не е сигурен, меѓутоа, верува дека ќе биде поврзано со математиката или физиката.

Старите книги по астрономија и астрофизика, како и интернет-литературата, му помогнале на Горазд Блажески за натпреварот

17-годишниот Горазд Блажески, кој се закити со сребрен медал на овој натпревар, изјави дека неговата љубов кон астрофизиката и астрономијата се зголемувала благодарение на неговиот интерес кон физиката.

Со оглед на тоа дека овие предмети се несекојдневни и нема соодветни учебници, Горазд користел стари книги како извор на знаење.

- За натпреварот се подготвував од стари книги по физика и астрономија и од литература од интернет, за жал, астрономија и астрофизика не се задолжителни предмети во нашето образование. Немав дополнителни часови, материјалот од физика го имав совладано порано, а материјалот од астрономија го совладав неколку месеци пред натпреварот - рече Горазд.

Тој вели дека добивањето на медалот му претставува поттик за учество на повеќе натпревари во иднина и повеќе работа, а своето образование планира да го продолжи во некоја од земјите на ЕУ учејќи теориска физика.


Горазд Блажески

Желбата да биде астронаут и интересот кон природните науки биле стимул за Нина Стевоска да се пријави на натпреварот

Нина Стевоска го освои сребрениот медал на натпреварот по астрономија и астрофизика. Таа накратко ни раскажа за својата љубов кон природните науки која ѝ се појавила уште од најрана возраст.

- Како малечка сакав да бидам астронаут, читав енциклопедии и книги од кои интересот за овие две многу убави науки стануваше сѐ поголем. Како што растев, запознавајќи се и со другите науки, моето мислење за мојата идна професија се промени. Но, сепак, продолжив да читам и да се интересирам за астрономијата. Активно одам на натпревари и по другите природни науки и случајно дознав за натпреварот и веднаш се пријавив, со желба повеќе да научам и да истражувам во оваа област, со оглед на тоа што астрономија и астрофизика не се задолжителни предмети во нашето образование - вели Нина.

За натпреварот биле потребни големи предзнаења, со кои се здобила благодарение на книгите и интернетот, но и самиот натпревар нудел литература.

За Нина, успехот што го постигна претставува поттик за понатамошно учење и надградување, а своето образование планира да го продолжи во областа на информатичките науки.

- Моето образование планирам да биде во областа на информатичките технологии и програмирањето. Во моментов разгледувам опции да го реализирам тоа надвор од нашата земја. Астрономијата и астрофизиката ќе ми бидат хоби и интерес за натамошно истражување - вели Нина.

Нина Стевоска

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема