Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер вчера понуди пет можни сценарија за иднината на Европската унија до 2025 година, кои се замислени како подлога за дебата во текот на овие години, а не како готови решенија.
Јункер во Европскиот парламент ја претстави „Белата книга за иднината на Европа: размислувања и сценарија за ЕУ27 до 2025 година“. Во неговиот говор тој изјави дека досега дебатите за иднината на ЕУ често се воделе во насока на „помалку или повеќе Европа“, односно поцврста или полабава унија, меѓутоа според него ваквиот пристап е погрешен.
Петте можни сценарија претставени во Белата книга се: 1. Задржување на статус кво; 2. ЕУ само како единствен пазар; 3. Европа со повеќе брзини; 4. ЕУ со помалку овластувања, но поефикасна; 4. ЕУ која во повеќе области ќе работи заедно.
За предложените
сценарија треба да се изјаснат земјите членки, меѓутоа не пред важните избори во Холандија на 15 март, претседателските избори во Франција во мај и парламентарните избори во Германија во септември.
Јункер во неговиот говор за состојбата на ЕУ во септември 2017 година пред Европскиот парламент треба да расправа и да ги сумира размислувањата на земјите членки, а на самитот во декември треба да се формулираат првите заклучоци.
Белата книга е придонес на Комисијата за самитот кој треба да се одржи на 25 март во Рим по повод прослава на 60 годишнината од Договорот од Рим. На овој самит треба да започне процесот во кој 27 луѓе ќе треба да донесат одлука за иднината на ЕУ.
Јункер, исто така, најави дека Комисијата следниот месец ќе објави низа документи кои треба да послужат како основа за дебатирање. Тоа се документи кои ќе се однесуваат на развојот на социјалната димензија во Европа, продлабочувањето на интеграцијата во економската и монетарната унија, документи за штетните последици на глобализацијата; за иднината на европската одбрана и иднината на европските финансии.