X
 11.03.2023 Економија

Колкави се минималните плати во земјите на ЕУ?

Земјите во Европската Унија ги привлекуваат странците поради повеќе работи, како животниот стандард и образовниот систем. Оние што размислуваат да се преселат во некоја земја во ЕУ треба да знаат дека минималната плата се разликува од земја до земја, а понекогаш оваа разлика е многу голема.

Според официјалните податоци, најниска минимална плата има Бугарија - 399 евра, додека највисока Луксембург - 2.387 евра. Некои земји немаат задолжителна минимална плата, а меѓу нив се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска.

Земји со минимална плата над 1.500 евра се Луксембург, Германија, Холандија, Ирска и Франција. Земји со минимална плата повисока од 1.000 евра, а пониска од 1.500 евра, се Шпанија и Словенија. Минималната плата е пониска од 1.000 евра во Португалија, Кипар, Малта, Грција, Литванија, Естонија, Чешка, Хрватска, Летонија, Унгарија и Бугарија.


Фото: Pixabay

Процентот на работници што заработуваат минимална плата се разликува во земјите на ЕУ. Така, 15,2 отсто од вработените во Словенија добиваат минимална плата. Во Бугарија процентот изнесува 14,1 отсто, во Романија 13,1 отсто, во Полска 12,1 отсто, а во Франција 11,6 отсто.

Од друга страна, најмал процент на вработени со минимална плата има во Шпанија - 0,8 отсто од вработените. Во Белгија само 0,9 отсто од вработените имаат минимална плата, а во Малта 1,8 отсто.

Просечна плата во ЕУ

Според податоци од 2021 година, просечната плата за еден час работа во ЕУ изнесува 29,1 евра. Најниска е во Бугарија - 7 евра на час, а највисока во Данска - 46,9 евра.

Во 2021 г. просечната годишна плата на работник без деца во ЕУ изнесувала 24.947 евра. Најниска била во Бугарија - 6.952 евра, а највисока во Луксембург - 45.787 евра. Просечните годишни приходи на пар со две деца изнесувале 53.364 евра во ЕУ, движејќи се од 14.825 евра во Бугарија до 101.065 евра во Луксембург.

Колку од странските жители работат во земјите во ЕУ?

Според официјалните податоци, 70 отсто од странците што живеат во ЕУ работат, во споредба со 78,9 отсто од државјаните. Од оние на возраст помеѓу 20 и 64 години што живеат во ЕУ, а се странци, 59,1 отсто се вработени. Од сите вработени лица на возраст од 20 до 64 години во ЕУ, вкупно 11 отсто од вработените што доаѓаат од други земји се самовработени.

Извор: Schengenvisainfo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија