X
 03.03.2017 Наука

Дали е пронајдена планетата Татуин?


Планети и вселена

Во системот СДСС 1557, оддалечен околу илјада светлосни години од Земјата, откриени се карпести фрагменти околу две ѕвезди, кои укажуваат дека планетата Татуин од серијалот „Војна на ѕвездите“ би можела навистина да постои во реалноста.

Родната планета на Лук Скајвокер – Татуин, со своите две сонца, две зори и два самрака, би можела навистина да постои, сугерираат астрономите.

Откритието е многу важно затоа што досега сите егзопланети, откриени во бинарните ѕвездени системи, биле гасовити џинови налик на Јупитер, велат научниците од Универзитетот во Лондон.

„Настанувањето на карпеста планета околу две ѕвезди се сметаше за речиси невозможна мисија затоа што постоењето на две гравитации вонредно го отежнува цврстото спојување на карпите и прашината и нивно развивање во вистинска планета“, изјави научникот Џеј Фарихи. „Но ние сега гледаме јасен знак за формирање на карпеста планета“, потенцира тој.

Се покажа дека планетарниот материјал , што е идентификуван во системот СДСС 1557, содржи големи количества на метали, вклучително и силициум и магнезиум.

Астрономите стигнаа до ова откритие со помош на два големи телескопи во Чиле.

Во серијалот „Војна на ѕвездите“, Татуин е пустинска планета која кружи околу две сонца, а сцената кога Лук ги гледа на хоризонтот, е една од најпознатите во историјата на СФ филмовите.

Овој труд е објавен во списанието Nature Astronomy.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука