Резултатите на новата студија покажуваат дека бебињата кои се одгледуваат во двојазични семејства, пред да прозборат развиваат способности за мислење кои играат главна улога во процесите на донесување одлуки и при решавањето на проблеми.
Студијата е спроведена на Универзитетот во Вашингтон, а во неа учествувале 16 бебиња. Половината од нив потекнуваат од семејства во кои се говори англискиот јазик, а другата половина се од двојазични семејства во кои се зборува шпански и англиски,. Бебињата биле изложени на низа различни звуци, неодредени и карактеристични англискиот и шпанскиот јазик. Истражувачите ги следеле реакциите на бебињата на звуците користејќи магнетоенцефалографија, со чија помош можеле точно да одредат кои делови од мозокот биле активирани во текот на експериментот.
Кај бебињата кои се од двојазично семејство забележана е зголемена мозочна активност во деловите од мозокот чии главни улоги се врзани за процесите за донесување на одлуки и решавање на проблеми. Ваквиот механизам им дава огромна предност на бебињата и подоцна на повозрасните деца. Многу студии, покажале дека возрасните лица кои зборуваат два јазика поседуваат подобри когнитивни способности од лицата кои зборуваат еден јазик. Што значи, тие подобро се снаоѓаат во извршувањето на задачите кои се однесуваат на организација, планирање, одредување приоритети и имаат подобра меморија.
Двојазичните деца ги имаат истите особини. Дополнително овие особини се врзани за извршни функции на мозокот клучни за постигнување успех на училиште.
Освен што малите деца се способни за учење на повеќе јазици, туку и раното детство е најдоброто време за почеток на учењето јазици. Експерите препорачуваат родителите постојано да ги изложуваат децата на зборови од странски јазици иако во нивниот дом се говори само еден јазик.