X
 10.03.2017 Образование

Вардар Доломит со стипендија за ФЕИТ



Македонската компанија Вардар Доломит стипендира студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од оваа година, студентот Петрит Љатифи ќе добива паричен надомест и практично знаење во просториите на компанијата Вардар Доломит.

За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, ова е еден од начините за соработка помеѓу високообразовните институции и стопанството.

„На овој начин, се воспоставува вистинска соработка со приватниот сектор и се дава реална поддршка на студентите. Во наредните две години, студентот ќе има практична настава во компанијата. Исто така, раководството на компанијата, заедно со нашите професори преку изборат на предметите, ќе влијае на профилирањето на студентот. Тие ќе го насочат студентот согласно своите потреби за да се создаде кадар кој по завршување на студиите директно ќе се вклучи во работата на компанијата“, вели Ташковски.

Компанијата Вардар Доломит, досега, соработува со сите врвни институции од областа на науката и има потпишано меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, со Државниот Универзитет во Тетово и со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

„ Вардар Доломит и досега стипендирал студенти и планираме оваа пракса да продолжи и во иднина. Генерално, стипендираме студенти од дефицитарни насоки за нашата компанија или планираме дека ќе бидат потребни согласно нашите планови за развој и унапредување на работењето. Студентот со кој потпишавме договор за стипендирање, Петрит Љатифи е од насоката ЕАОИ (Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија), а планираме да доделиме и уште една стипендија на еден студент од насоката КСИАР (Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика)“, објаснува директорот на Вардар Доломит, дипломираниот инженер Ремзи Абдулаи.

Според него, идејата на Вардар Доломит е стипендираните студенти преку пракса, семинарски, дипломски или магистерски трудови да го пренесат знаењето што го стекнале на факултет во компанијата, а од друга страна самите студенти да се стекнат со искуство од реална примена на нивните знаење во пракса.

„Оние приматели на стипендија кои ќе покажат интерес и кои ќе демонстрираат квалитет ќе можат да засноваат работен однос во нашата компанија“, додава Абдуали.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование