X
 07.08.2018 Образование

ИНОФЕИТ ќе ја стави Македонија на светската иновациска мапа: Сакаме да ги вратиме успешните студенти што заминале во странство

Студентите што заминуваат од Македонија по дипломирањето велат дека се одлучуваат на тој чекор бидејќи не постојат интересни работни места на кои би работеле на современи трендови, иновации и слично. ИНОФЕИТ се обидува да обезбеди услови за нашите студенти и млади истражувачи да можат да творат и да создаваат производи кои би биле конкурентни на светскиот пазар, вели проф. д-р Владимир Атанасовски, продекан за финансии и соработка со стопанството на Факултетот за електротехника и информациски технологии



Европската инвестициска банка го селектира ИНОФЕИТ како единствен од регионот што има можност да прерасне во Центар на извонредност за период од три години. И ние сме особено горди на тоа, вели проф. д-р Владимир Атанасовски, продекан за финансии и соработка со стопанството на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
За само четири месеци постоење, Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ има постигнато многу. Веќе се работи на конкретни производи, а потпишани се договори со многу компании за идеи што треба да се реализираат.
- Македонскиот иновативен екосистем, за жал, сѐ уште е мал и неразвиен, но ИНОФЕИТ има амбициозен план да го промени и да ја стави Македонија на светската иновациска мапа – вели Атанасовски во интервјуто за Факултети.мк.

Проф. д-р Владимир Атанасовски

На Факултетот за електротехника и информациски технологии неодамна почна да работи Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Како се роди идејата да се формира Центар во рамките на факултетот?

- Идејата за ИНОФЕИТ се наметна како последица на два истакнати тренда во последните неколку години. Замислен е како место во кое истражувачите и студентите од ФЕИТ ќе можат да ги валоризираат своите истражувања и да добијат поддршка за трансфер на технологија, односно формирање стартап и започнување иновативен бизнис. ФЕИТ е најуспешниот инженерски факултет во Македонија во поглед на меѓународни истражувања. Тоа се потврдува со убедливо најголемиот број тековни и завршени меѓународни научноистражувачки проекти финансирани од ЕК, НАТО, швајцарската влада, норвешката влада итн. Просечниот годишен прилив од истражувања на ФЕИТ е над 700.000 евра во последниве пет години (далеку пред сите други). Тоа беше огромен мотив да се почне и со работа на практична валоризација на истражувањата и придонес кон стартирањето нови, иновативни компании, кои дополнително ќе го зголемат капацитетот за истражувања и на факултетот, но и на државата во целост. Другиот тренд поради кој го формиравме ИНОФЕИТ е нашата желба за многу поголемо практично знаење во текот на студиите за нашите студенти. Последната акредитација на студиските програми на ФЕИТ во 2017 става многу силен акцент врз практичната работа. Со ИНОФЕИТ се обидуваме да ги анимираме локалните и регионалните компании да дојдат, да дефинираме заеднички студентски пракси и семинарски, дипломски, магистерски и докторски тези на теми кои се од практичен интерес за компаниите. Со други зборови, наместо компаниите да вложуваат во оддели за истражувања и развој, ИНОФЕИТ им нуди простор, експертиза и студенти за тоа да го направат многу побрзо и многу поквалитетно.

ИНОФЕИТ е отворен веќе четири месеци. Што се случуваше таму во овој период?

- Во текот на своето кусо постоење, ИНОФЕИТ имаше многу активности и побуди голем интерес кај локалната индустрија, што особено нѐ радува. Потпишавме договори за соработка со неколку реномирани компании кои веќе добија простор и почнаа со ангажман на студенти за работа на проекти од нивен интерес. Исто така, поголем број студенти од ФЕИТ својата законски задолжителна пракса ја спроведоа токму во ИНОФЕИТ. Конечно, поголем број компании тука одржуваа обуки и презентации. Она на што сме особено горди е што ИНОФЕИТ беше ангажиран како подизведувач за неколку компании кои веќе добија финансии од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Тоа покажува дека македонските компании се свесни каде можат да добијат врвно истражување и иновации за стимулирање на својата работа. Наредниов период очекуваме уште поголем обем на активности, пред сѐ, интензивирање на соработката со сите компании со кои имаме потпишано договори, но и одржување неколку стартап-настани. Со нив ќе се обидеме да ги анимираме и студентите и истражувачите за поголемо фокусирање кон практично користење на истражувачките резултати и започнување бизнис од иновација.

Место каде што студентите ќе можат да истражуваат, да се надградуваат

Како ИНОФЕИТ ќе го надмине оној јаз меѓу академијата и индустријата?

- ИНОФЕИТ е специфично дизајниран да го премости тој јаз преку спојување на студентите и истражувачите од ФЕИТ (кои се подготвени за работа на иновации) и компаниите (кои можат да добијат простор и луѓе за работа на проект кој сами би го дефинирале) на едно место. Наша замисла е компаниите да дефинираат иновативни проекти на кои наши студенти, водени од наши професори и истражувачи, ќе работат заедно со компаниите. Така истовремено ќе обезбедиме практична работа за студентите и работа која е од интерес за компаниите. Веруваме дека ваквиот начин на соработка е од заемен интерес. Веќе имаме реализирано практичен производ - сензор за мерење на загаденоста на воздух во соработка со компанија-партнер во Центарот. Се надеваме дека оваа успешна приказна ќе биде поттик и за други компании да дојдат кај нас и заедно да иновираме. Крајниот бенефит е кај компаниите, но и кај нашите студенти, кои ќе добијат поголемо практично искуство за време на студиите и кои би виделе дека може да се работат иновации во Македонија и во крајна линија - ќе останат во нашата држава и по дипломирањето.

На ФЕИТ има студенти од сите три циклуси на студии. Кои сè студенти можат да го користат Центарот, за развој на какви идеи?

- ИНОФЕИТ е отворен за сите студенти, од сите циклуси на студии на ФЕИТ. Студентите од прв циклус можат да ја реализираат својата студентска пракса или да работат на практични семинарски работи во ИНОФЕИТ. Студентите од втор и трет циклус можат да ги работат своите магистерски и докторски тези преку соработка со индустријата и на тој начин да добиеме практични и квалитетни тези кои може да прераснат во стартапи и понатаму да се развиваат во нов, иновативен бизнис. Во поглед на идеите, ИНОФЕИТ е концентриран на ИКТ-системи и обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Она што се трудиме е во секоја соработка да имаме целосен прототип, односно идејата да вклучува комплетен систем од-крај-до-крај (и хардвер и софтвер) и да покажува инженерски пристап кон комплетно решавање на одреден проблем.

Од отворањето на ИНОФЕИТ, пролетва

Каква е тука улогата на професорите и нивната поддршка на студентите?

- Професорите на ФЕИТ комплетно ја поддржуваат идејата за ИНОФЕИТ и го ставаат целиот свој академски и иновативен потенцијал. Тие се мостот меѓу индустриските партнери и студентите на ФЕИТ, овозможувајќи менторство, консултации, поддршка за анализа на остварливост на дадени идеи, насоки за работа итн. Всушност, нашите професори се клучниот елемент во целиот концепт зад ИНОФЕИТ, нивното огромно искуство, реноме и светска препознатливост се гаранција за успех на секоја дефинирана соработка со компаниите.

Како ИНОФЕИТ ќе придонесе нашите таленти во електротехниката и информациските технологии да создадат производи кои би биле конкурентни и на светскиот пазар?

- ИНОФЕИТ го става целокупниот човечки и лабораториски потенцијал на ФЕИТ на располагање на своите корисници. Тоа значи дека студентите во Центарот ќе добијат поддршка од професори кои постојано се во тек со сите светски трендови на полето на електротехниката и информациските технологии и ќе добијат можност да ги тестираат своите идеи во лабораториите на ФЕИТ, кои се најсовремени и имаат вредност поголема од 2 милиона евра. ИНОФЕИТ ќе понуди и услуги во насока на трансфер на технологија, заштита на интелектуални права и лиценцирање за користење развиени иновации. Дополнително, ИНОФЕИТ веќе потпиша договори за соработка со фонд кој обезбедува иницијални инвестиции за бизнис и со компанија која нуди правни, административни и сметководствени работи за иновативни бизниси во 120 држави во светот, а истовремено е присутна во 40-те најголеми бизнис-центри во светот. На тој начин, која било иновативна идеја во ИНОФЕИТ има можност да се провери и анализира, да се тестира, да се заштити, да се финансира и да води кон раст. Македонскиот иновативен екосистем, за жал, сѐ уште е мал и неразвиен, но ИНОФЕИТ има амбициозен план да го промени и да ја стави Македонија на светската иновациска мапа.

Работните простории

Како Центарот ќе влијае врз одливот на интелектуален капацитет од Македонија?

- Студентите што заминуваат од Македонија откако ќе дипломираат велат дека се одлучуваат на тој чекор бидејќи не постојат интересни работни места на кои би работеле на современи трендови, иновации и слично. Токму затоа ИНОФЕИТ се обидува да обезбеди услови нашите студенти и млади истражувачи да можат да творат и да создаваат производи кои би биле конкурентни на светскиот пазар. Денес многу од глобално успешните бизниси не се географски врзани со една локација. Интернетот направи да е ирелевантно каде сте сѐ додека вашата идеја е добро разработена и применлива. Се обидуваме на нашите студенти да им ги понудиме истите услови за работа како и на кое било друго место. Флуктуацијата на луѓе е нормална појава, особено во 21 век. Но, ние се трудиме трендот на одлив на нашиот високо квалификуван кадар да го намалиме преку обезбедување услови за работа и можности за раст и развој. Она на што сме особено горди е што ИНОФЕИТ е селектиран од страна на Европската инвестициска банка како единствен центар од регионот кој има можност да прерасне во Центар на извонредност за период од три години. Се разбира, за ова да се случи, неопходни се дополнителни финансии, кои веруваме ќе се обезбедат наскоро токму поради европската препознатливост на капацитетот и потенцијалот на ИНОФЕИТ. Во таква ситуација, ИНОФЕИТ сигурно ќе ги задржи своите најдобри студенти за понатамошна работа, но нашите амбиции се дури и да го свртиме процесот, односно да почнеме да ги враќаме назад нашите успешни студенти што заминале во странство, а можат да придонесат за уште поинтензивен раст на Центарот.

Дали веќе се работи на нешто конкретно? Кога би можеле да ги очекуваме првите резултати од работата на ИНОФЕИТ?

- Веќе работиме на неколку иновативни проекти со компании што го поддржуваат ИНОФЕИТ. Со една компанија веќе имаме реализирано и готов комерцијален производ спремен за понуда на пазар, кој ќе стане актуелен оваа есен. Исто така, како подизведувач на неколку проекти за компании што се финансирани од ФИТР, очекуваме во наредниве две години да се добијат нови, иновативни производи од македонско потекло. И да не заборавиме, во заднина постојано течат студентски пракси и обуки кои придонесуваат за поголемо практично знаење на нашите студенти, но и за зголемување на видливоста на ИНОФЕИТ во нашето општество. Се надеваме и на т.н. snowball ефект, односно првите успешни резултати што веќе ги имаме да им бидат поттик и стремеж на уште повеќе компании да почнеме соработка или на нашите студенти да се осмелат да започнат со сопствен бизнис.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование