Огромен вештачки остров ќе изникне на подводните карпи во Северното Mоре, а ќе има и сопствени пристаниште и аеродром, како и куќи за вработените. Во иднина, островот би бил контролно средиште на огромно подрачје каде ќе се градат електрани на ветер. Како што јавува британскиот
Independent, наскоро германско-холандската компанија
Tennet ќе потпише договор со данската
Energinet за изградба на островот сосе ветроелектрани и соларни панели.
Сето ова е поддржано од Европската Унија преку високиот комесар за енергетика, Марош Шефчович.
Техничкиот директор на
Energinet, Торбен Глар Нилсен, вели: „Можеби ова звучи како научна фантастика, но островот на подводните карпи Догер во Северното Море, би можел значително да ја намали цената на производство на електрична енергија од ветер“. Се претпоставува дека овој проект би можел да произведува доволно струја за 80 милиони луѓе, а преку подводни кабли би би поврзан со Обединетото Кралство, Холандија, Германија, Данска и Белгија.
„Електраните на ветер се надополнуваат со соларните електрани. Од пролет до есен има повеќе сонце, а во другите месеци од годината, повеќе ветер“, изјавуваат од
Energinet.
Локацијата на островот е избрана заради релативно плиткото море и оптималните ветришта.