Во многу села низ огромната територија на Русија и денес нема ни сателитски антени, ни радио сигнал. Како во тие услови да се препознаат временските прилики и човекот да се заштити себеси и своите полиња од мраз или топлина? Едноставно: со помош на претставите кои се наследени од старословенската митологија и фолклор.
Тие претстави со векови се пренесувале од колено на колено, а некаде и денес служат како „барометри“ и „термометри“, не само на село, туку често и во урбана средина. Ова се неколку од нив:
Зима
Ако мачката се склупчи додека спие и со шепата ја покрие муцката, ако гавранот го сокрие клунот под крило или врабците се кријат во суви гранки – тоа се знаци дека се приближуваат студени денови. Сето тоа има едноставно објаснување. Мачката, гавранот и врабците бараат топло и суво место за да се сокријат од ладното време.
На крајот на зимата по некои знаци се препознава дали наскоро ќе се стопи снегот и дали доаѓа пролетта. На пример, ако небото над шумата е сино или вечерното руменило брзо згасне, тогаш пролетта е на пат да пристигне.
Ако чадот над оџакот се движи право нагоре, тоа значи дека времето ќе биде убаво, а ако се движи на различни страни, тогаш се спрема невреме.
Пролет
Долгата руска зима ги терала луѓето да бараат знаци за топење на снегот и доаѓање на пролетта. Од секогаш се сметало дека топлите денови наскоро ќе пристигнат и долго ќе траат кога снегот ќе почне да се топи на северната страна, а мачката ќе започне да спие на подот.
Меѓутоа ако снегот се топи на јужната страна и секаде тече многу вода, тоа значи дека повторно ќе застуди.
Лето
Летото во Русија е кратко, а во многу подрачја има и суша, што значи дека нема да има жетва ако нема дожд. Заради тоа, во текот на летото, луѓето обрнувале внимание на тоа дали крекаат жабите, излегуваат ракчиња на крајбрежјата и дали грми почесто отколку вообичаено. Сето тоа значело дека наскоро ќе врне дожд.
Изненадните заладувања во текот на летото биле она од кое старите Словени се плашеле. Заради тоа го гледале сонцето и го следеле однесувањето на птиците и пчелите. Ако птиците ниско летаат и силно се огласуваат, а пчелите летаат во рој и ако околу сонцето има прстени, тогаш доаѓаат студени денови.
Есен
Во есен внимание се обрнувало на дрвјата „мечкина цреша“, печурките, лешниците, патките, зајците и верверичките.
Ако дрвјата „мечкина цреша“ доцна процветаат, тоа значи дека есента ќе биде долга. Ако има добар род, тогаш зимата ќе биде студена, а ако лисјата се сушат на дрвото и не опаѓаат до зима, тоа е знак дека ќе има многу мраз.
Кога има многу лешници, а нема печурки, тоа значи дека ќе има многу снег и мраз. Ако патките пловат во реката дури и кога паѓа дожд, тоа е добар знак, бидејќи зимата нема набрзо да дојде. Меѓутоа, ако на зајците крзното е посветло, или ако верверичките со поставуваат гнездото многу високо на дрвото, тогаш се подготвуваат за многу студена зима.