Доколку ги прашате научниците зашто на Марс е толку ладно и безживотно, ќе ви одговорат дека причината за тоа е што пред 4,2 милијарди години Црвената планета неповратно го изгуби своето магнетно поле. Без оваа заштита, соларните ветрови на Марс му одзедоа поголем дел од неговата атмосфера, со што опстанокот на каков било вид на живот е практично невозможен. Сепак
НАСА смета дека сите надежи не се изгубени.
Научниците од оваа институција неодамна презентираа амбициозен план за изградба на магнетен штит околу Марс со кој би се зачувала преостанатата атмосфера, но, исто така, би овозможила на следните генерации вселенски истражувачи безбедно да го истражуваат првиот сосед на Земјата, пренесува
Engadget.
Според нивната идеја, магнетниот штит би бил поставен во Л1 лагранжовата точка од орбитата на Марс, од каде би генерирал вештачка магнетосфера, која би ги одбивала соларните ветрови и радијацијата. Првите пресметки покажуваат дека со тек на времето би се создал доволно дебел атмосферски слој кој ќе овозможи разложување на јаглеродниот диоксид од северниот пол на планетата, кој понатаму преку ефектот на стаклена градина ќе го поттикне топењето на наталожениот мраз и враќање на некои од изгубените океани на Марс.
Кога подобро ќе се размисли, целиот концепт и не е толку далеку од реалноста, бидејќи постојат изведливи студии за конструкција на мини-магнетосфера. Единствена пречка, како и секогаш кога станува збор за вселената е – времето.
Иако штитот релативно брзо би го решил проблемот со радијацијата, неизвесно е уште колку би требало да се чека за згуснување на атмосферата и доволно покачување на температурата. Можно е овој процес на „оземјување“ да потрае со децении сè додека не се појават минимални резултати, што ќе претставува пречка за експедициите на
Марс, кои НАСА и Спејс Икс планира да ги спроведе во следните неколку години.