Имате амбициозни планови за вашата кариера? Подготвени сте да преземете голем чекор? Веќе знаете дека неодамна НАСА почна да регрутира астронаути. Но, она што не сте го знаеле се основните услови што астронаутите треба да ги исполнуваат за да аплицираат.
Постојат два основни услови што треба да ги исполнува секој што сака да лета на Месечината во 21 век: магистратура по еден од СТЕМ-предметите (наука, технологија, инженерство, математика) и американско државјанство.
Секако, ова не е сè. Кандидатите мора да имаат и двегодишно професионално искуство или 1.000 часа поминати како пилот на летало.
Потоа следува двочасовна онлајн-процена и нешто што НАСА го опишува како тест за вашата физичка состојба во летало за подолг временски период.
Кога станува збор за интервју, бројките се малку застрашувачки. Во 2016 година Одборот за избор на астронаути на НАСА примил 18.300 апликации, но само 120 кандидати биле поканети да разговараат за нивната апликација.
Од 60-тите години досега само 350 луѓе биле избрани да бидат обучувани како астронаути на НАСА.
Фото: Pixabay
Но, ништо од ова не може да ги обесхрабри луѓето да аплицираат за единствената работа што може да се опише дека е „надвор од светот“. А наградите за оние што успешно ја завршиле обуката се навистина нешто големо.
Новите астронаути би можеле да живеат 400 километри над Земјата, во Меѓународната вселенска станица, и да работат на експерименти за да помогнат за подобрување на нашите животи и да нè подготват за подалечно и подлабоко истражување на вселената.
Исто така, новите астронаути може да бидат испратени на „Гетавеј“ - мал лунарен орбитирачки брод изграден од НАСА за да обезбеди пристап до површината на Месечината - пред да се однесе нов систем за слетување на човекот до самата површина на Месечината.
Вселенската агенција сака да го испрати следниот човек и првата жена на Месечината до 2024 година во рамките на својата програма „Артемис“.
Нејзината цел е да воспостави одржливо истражување на Месечината до 2028 година, каде што астронаутите ќе се стекнат со искуства за да се подготват за уште поголема мисија - испраќање на првите луѓе на Марс до средината на 30-тите години на овој век.
Џиновски скок
Времетраењето на летот до Месечината е неколку дена, додека патувањето до Марс би траело околу девет месеци. Првите астронаути што ќе стапнат на Црвената Планета без сомнение ќе мислат дека тоа ќе биде добро поминато време.
А што со другите луѓе? Годишниот буџет на НАСА е околу 22,6 милијарди долари - тогаш што добива светот за тие пари?
Се чини дека добива многу работи. Се проценува дека за секој долар потрошен на НАСА се враќаат околу 4 американски долари во американската технологија. Освен тоа, развојот на технологијата за истражување на вселената доведе до побрз начин за полнење на батериите, напредни техники за производство и полесни авиони.
Но, тоа не е сè. Технологијата развиена за да се создаде вода за пиење на Меѓународната вселенска станица се користи и во заедниците што немаат пристап до чиста вода. Технолошката вселенска станица помогна и во поголемата достапност на медицинска нега, на пр., ултразвук во оддалечени региони. А истражувањата спроведени во вселената доведоа до нови истражувања за развој на подобрени вакцини.