X
 30.03.2017 Живот

Ни Трамп не знае за оваа моќна разузнавачка агенција во САД?!


Осветлена зграда
(Фото: Wikipedia/Trevor Paglen)

Во строго заштитена воена база, која се наоѓа на триесетина километри од Вашингтон, се наоѓа седиштето на разузнавачката агенција за чие постоење знаат само мал број Американци. Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, пет месеци по влегувањето во Белата куќа, воопшто не знаел за нејзиното постоење. Тоа се променило дури во 2009 година кога бил во посета на еден ресторан, пишува Foreign Policy.

Тогаш Обама се ракувал со некој човек и го запрашал каде работи. Тој му одговорил дека бил вработен во Националната геополитичка разузнавачка агенција (NGA). Претседателот останал збунет од таквиот одговор. „Ве молам, објаснете ми што е тоа...“, не можел ни да го повтори името на агенцијата Обама.

Оттогаш поминаа осум години, а НГА сè уште е најмистериозната од сите пет големи американски разузнавачки агенции.

Седиштето на НГА се наоѓа во третата по големина зграда во Вашингтон. Во неа се вработени околу 3.000 луѓе. Примарна функција на оваа агенција е анализа на видеоснимки од дронови, шпионски сателити и аматерски камери низ светот, особено на Блискиот Исток.

Нејзиното дејствување главно е насочено надвор од САД. Токму заради тоа, НГА никогаш не била вмешана во внатрешни шпионски скандали, ниту некогаш се појавила пред јавноста. Меѓутоа, експертите сметаат дека со доаѓањето на Трамп тоа би можело да се промени. Со оглед дека претседателот е опседнат со националната безбедност, за очекување е дека ќе почне да ги користи услугите на оваа агенција.

Пред една година, Пентагон ги објави резултатите од истрагата кои покажаа дека во периодот од 2006 до 2015 година, во 20 случаи биле користени дронови на територијата на САД, и оттогаш постои сомневање дека технологиите, првично осмислени за шпионирање на надворешните непријатели, во иднина би можеле да бидат злоупотребени за надзор врз американското население.

Инаку, за употребата на извидничките и шпионските дронови во американскиот воздушен простор го одобрува министерот за одбрана. Пред една година за првпат службено е употребен дрон со посебен систем за надзор во Балтимор, кој бил развиван за воени активности во Ирак. Многу мал број луѓе знаеле дека од небото се врши контрола со многу напредна шпионска технологија, која располага со камера чија резолуција е 1,8 милијарди пиксели!

За разлика од електронскиот надзор што го спроведува НСА, кој заради заштита на граѓанските слободи е под строг надзор, надзорот на НГА досега не бил под контрола на американскиот Конгрес и јавноста. Се стравува дека оваа „предност“ би можела да ја искористи администрацијата на Трамп. Коментаторот на Foreign Policy верува дека американскиот претседател би можел да почне со користење на најмодерните дронови за надзор над американските муслимани и илегалните имигранти.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот