Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна најави создавање на француска вселенска сила која ќе биде одговорна за одбрана на француските сателити. Изгледа дека Французите се сериозни. Министерката за одбрана на Франција најави програма со која се развиваат нано-сателити опремени со огнено оружје и ласери.
Министерката Флоренс Парли најави дека земјата ќе пренасочи 700 милиони евра од воениот буџет за вселенска одбрана, а до 2025 година би биле потрошени повеќе од 4,3 милијарди евра. Овие пари ќе одат на ажурирање на француската мрежа на сателити за воени комуникации, со кои оперира француската морнарица. Војската сака следната генерација сателити да има камери за да може да се идентификуваат противниците, а во иднина сателитите да бидат опремени и со автомати и ласери за да можат да нападнат и оневозможат други сателити.
Од Министерството за одбрана исто така велат дека сакаат да бидат способни да лансираат роеви од нано-сателити во орбита кои би можеле да ги заштитат стратешките објекти, како и да имаат можност брзо да лансираат сателити за да ги заменат оние што се изгубени. Според француските медиуми, војската сака ова да се реализира до 2030
година.
Парли вели дека целта не е да се оди во офанзива за да се отстранат непријателски сателити.
-Активната одбрана не е офанзивна стратегија; тоа е самоодбрана - рече таа, истакнувајќи дека ако земјата може да идентификува земја што извршила непријателски акт, ќе може да одговори.
Таа забележува и дека планот нема да биде во спротивност со Договорот за вселената, кој експлицитно забранува нешта како нуклеарно оружје или „друго оружје за масовно уништување“.