X
 05.04.2017 Култура

Кинезите ќе градат град, трипати поголем од Њујорк!


Колаж од три слики - градење град
(Фото: Jason Lee/Jucember/Reuters/Wikimedia commons)

Кога Кина гради, гради на големо е пораката што се испраќа од низа мегапроекти што досега се реализирани или се во тек во оваа најнаселена земја во светот. Во четвртата по површина земја во светот живеат околу 1.373.000.000 жители, а најголемите градови сè повеќе се соочуваат со проблемот на пренаселеност и огромното загадување, кое е највисоко во светски рамки.

За надминување на овој горлив проблем, властите во Пекинг деновиве го објавија „историскиот“ план за изградба на нов град во специјалната економска зона Ксионган Њу Ејрија, кој би имал трипати поголема површина од најголемиот град во САД, Њујорк, пишува „Гардијан“.

Централниот комитет на комунистичката партија на Кина и Државниот совет во заедничкото соопштение го опишуваат новиот град кој ќе биде лоциран на околу 100 километри југозападно од Пекинг како „клучен дел на стратегијата за новиот милениум“.

Официјалните владини агенции Ксинхуа и Ксионган објавија дека новиот град ќе го намали притисокот од преоптоварениот со луѓе и автомобили Пекинг, каде живеат 22 милиони луѓе.

„Хионган ќе биде решение за кинескиот раст: дивото растење на градовите мора да се контролира со урамнотежена и инклузивна стратегија за развој. Ова нема да биде само реплика на историските успеси на Кина, туку ќе ја раскажува приказната за иднината на новиот град“, пишуваат одушевено агенциите.

По изненадувачката објава на властите, цената на недвижностите буквално се удвои во еден ден, јавија локалните медиуми, а „Блумберг“ пишува дека на патиштата кои водат кон тоа подрачје, настанал сообраќаен хаос од големиот број автомобили кои тргнале во купување на недвижности.

Уште повеќе, интересот за купување на недвижности бил толку висок што владата во понеделникот прогласила привремена забрана за купување, што не ја спречила илегалната трговија и натаму да функционира.

Сепак, најимпресивната работа во оваа приказна е дека Ксионган Њу Ејрија е само дел од иницијативата на кинеските власти, на подрачјето кое ги опфаќа градовите Пекинг, Тианин и делови од провинцијата Хебеи, да се изгради мегалополис со капацитет од, внимавајте, 130 милиони жители!

Владата веќе одобрила 36 милијарди долари за изградба на 1.100 километри нови железнички линии во следните три години, а кои би требало да ја сочинуваат основата на транспорниот систем на новиот мегалополис кој е наречен Јинг-Јин-Ји. Долгорочниот план е да се изградат 24 градски линии до 2050 година, од кои осум најдоцна до 2020. Зацртаната цел е да се обезбеди движење од едниот крај на градот до спротивниот за максимум еден час, пишува „Ен-би-си Њуз“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура