Гермаската стартап компанија „Лилиум“ објави видео снимка од првиот успешен експериментален лет на нивниот револуционерен летечки автомобил, што го нарекоа „Лилиум џет“. Тие не се единствените кои работат на вакво превозно средство, но изгледа дека се најуспешните.
Терминот „летечки автомобил“ во овој случај не е сосема прецизен, но сепак е најсоодветен токму затоа што станува збор за иновација која сите со години ја очекуваат. „Лилиум џет“ е, најпрецизно, лично летало, односно дрон. Има капацитет за две лица и комбинира начини на летање со авион и хеликоптер, а најдобар детаљ во цел концепт е фактот дека не ја загадува средината, затоа што нема бензински погон, туку користи електрична енергија. Леталото има 36 електрични мотори кои се инсталирани на двете крила што се насочуваат со помош на дванаесет поткрила.
При полетувањето, поткрилата се свртени кон теренот, така што дронот полетува вертикално, слично на хеликоптер. Кога ќе ја достигне саканата височина, поткрилата се свртуваат во хоризонтална положба, што на леталото му дава фронтална потисна сила. Научниците од тимот што работеше на овој проект, потенцираат дека нивниот електричен мотор искористува 90 проценти повеќе енергија од обичниот дрон, а со едно полнење може да помине околу 300 километри. Максимална брзина што може да се постигне засега е 300 километри на час. Главниот мотор е ист како оној што е вграден во електричните автомобили на „Тесла“.
„Лилиум“ е осонован пред две години, а неговите научни тимови интензивно работат на дизајнирање и изработка на
летало кое ќе може да ги замени класичните автомобили. Целта им е масовно да произведуваат вакви летала кои не би биле прескапи, а сигурно би го намалиле сообраќајниот метеж по патиштата.
Погледнете го видеото: