X
 24.09.2024 Технологија

Американски летечки автомобил наскоро би можел да влезе во сериско производство

Калифорнискиот стартап „Алеф аеронаутикс“ направи голем чекор напред во производството на својот прв производ на пазарот. По презентацијата на крајот од 2022 година, а потоа и добивањето лиценца за пробни летови минатата година, нивниот летечки автомобил сега доби и партнери за сериско производство.

За ова, „Алеф“ ангажира две компании - „ПУКАРА Аеро“ и „МИК“, кои се специјализирани за производство на компоненти во воздухопловната индустрија. Меѓу своите клиенти ги издвојуваат „Боинг“ и „Ербас“. Тие веќе имаат произведено стотици делови и за цивилни и за воени авиони, хеликоптери и беспилотни летала. Нивна специјалност се делови од моторот, структурни компоненти, како и инсталација на електрични и хидраулични системи. Со ова искуство, тие треба да бидат способни да го спроведат планот „Алеф“ во реалност - и да му понудат на пазарот вистински, футуристички, летечки автомобил.

Моделот А


Летечкиот автомобил „модел А“ беше претставен пред две години. Наликува на мало патно купе, со таа разлика што има способност и да вози по пат и да лета во воздух. На копно би требало да може да помине околу 320 километри со едно полнење на батеријата, а околу 180 километри по воздушен пат, додека пилотот носи најмногу еден патник. Погонот би бил електричен со осум ротори, без отворени пропелери, бидејќи тие се целосно покриени со мрежестата горна површина на каросеријата. Најавен е и полуавтоматски систем за безбедност и стабилизација при лет.

„Алеф“ веќе има добиено околу 3.200 нарачки за овој производ, а претходно беше најавено дека неговата цена ќе изнесува околу 300.000 долари. Сè уште може да се направат нарачки преку нивната страница, каде што се плаќа депозит од 150 долари за редовна или 1.500 долари за приоритетна редица. Електричниот автомобил ВТОЛ ќе биде изграден според стандардите пропишани од ФАА и ЕАСА и другите релевантни органи, производството треба да започне во четвртиот квартал на следната година, а првите испораки ќе бидат објавени набрзо потоа.

Следниот проект на „Алеф“ ќе биде уште поатрактивен. Имено, „модел З“, летечки четирисед по планирана цена од само 35.000 долари е во развој, а се очекува да пристигне на пазарот во 2035 година.

Извор: autonet.bug.hr

Фото: Alef Aeronautics

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија