Утврдувањето на успехот на претседателството преку анализирање на „првите сто дена“ е малку вештачка конструкција.
Фото: Getty Images
100 дена е прилично подолг период за еден претседател да исполни дел од она што го ветил и секако, за аналитичарите да оценат каков вид на напредок направил лидерот.
Кога станува збор за Трамп, првите 100 дена од неговото претседателство беа прилично возбудливи. Што тој успеа да реализира од она што го вети?
Ѕидот
Да започнеме со ѕидот - едно од најстарите ветувања на Трамп. Тој постојано зборуваше за големиот ѕид кој планира да го изгради на границата меѓу Америка и Мексико во текот на неговата кампања, а толпата беше презадоволна кога тој рече дека Мексико ќе плати за проектот.
Администрацијата вети дека ќе искористи некои финансии за да ја започне изградбата на ѕидот, но повеќе од јасно е дека Конгресот ќе треба да пронајде милијарди долари за да го реализира овој проект. Ова предизвикува конфронтација помеѓу претседателот и законодавците.
Дали го одржа ветувањето? Секако дека не.
Врховен суд
Трамп вети дека ќе го пополни празното место на клупата во Врховен суд од листата која ја објави за време на претседателската кампања.
„Отсекогаш слушав дека најважното нешто што го прави претседателот на Америка е назначувањето на луѓе - со надеж, вакви луѓе како ова назначување“, изјави Трамп, за назначувањето на Горсач.
Додека Трамп требаше само да го стави името на хартија и да се потпри на републиканците во Сенатот да го извршат поголемиот дел од работата, сепак тој реализира прилично голема задача од неговата „to-do“ претседателска листа.
Дали го одржа ветувањето? Секако.
Здравство
„Никој не знаеше дека здравството може да биде толку комплицирано“.
Прерано е за политички епитафи, но ако претседателството на Трамп колабира под тежината на неорганизираноста и неисполнетите ветувања, овој цитат од претседателот е ќе биде најсоодветен натпис за неговиот неуспех.
Во еден момент од неговата претседателска кампања, Трамп вети дека ќе воведи реформи во здравството и ќе го укине пакетот „Obamacare“ уште во првиот ден како претседател.
Но, откако напорите беа неуспешни кон крајот на март - 64 дена од почетокот на неговото претседателствување - Трамп не успеа да го реализира тоа.
„Воопшто не реков укинување и замена во период од 64 дена. Имам време. Сакам да имаме одлична здравствена заштита и план и ќе имаме. И тоа нема да биде во многу далечна иднина“.
Дали го одржа ветувањето? Дефинитивно, не!
Имиграција
Резултатите на Трамп кога станува збор за исполнување на неговите ветувања поврзани со имиграцијата се малку различни, иако мора да му се признае вложениот напор. Нееговата администрација презела мерки и ги спречила граѓаните на неколку муслимански земји да влезат во Америка, меѓутоа овие активности биле спречени од неколку судии.
Исто така, Трамп се закани со „чисти градови“ кои нема да соработуваат со федералните официјални лица за имиграција, нареди ревидирање на програмите за имиграција, вклучувајќи Н-1В визи дадени на високо-квалификуваните имигранти и најави патроли на границите.
Апсења поврзани со имиграцијата се зголемија на 32.6% во првиот месец и пол после претседателството на Трамп, а голем дел од нив биле луѓе без претходно криминално досие.
Во текот на кампањата претседателот зборуваше за тоа колку ќе ѝ отежни на имиграцијата - иако бројот на имигрантите без документи кои влегуваат во Америка се намали во изминатите неколку години.
Дали го одржа ветувањето? Да!
Надворешна политика
За време на кампањата, визијата за надворешната политика на Трамп беше колекција на контрадикторни и често контроверзни предлози.
Зборуваше за тоа колку ќе ги заостри односите со Исламска држава, Иран и Кина, потврдувајќи го сојузот со Израел и подобрувајќи го односот со Русија. Исто така, зборуваше за укинување на ограничувањата на употреба на тортура кај затворениците како и давање поголеми овластувања на војската, преку таргетирање на семејствата на осомничените милитанти.
Освен тоа, тој вети дека ќе ги стави приоритетите на Америка на прво место.
Ја повлече Америка од Партнерството за Транс-Пацификот, како што вети и започна процес на ревизија за Северноамериканскиот договор за слободна трговија.
Тука некаде е и ракетниот напад на сириските сили откако владата употреби хемиско оружје против сопствениот народ, иако кога Обама предложи интервенција во 2013 година, тој остро ја осудуваше.
Дали го одржа ветувањето? Да, не, можеби.
Инфраструктура, даноци...
Освен неуспехот со „Obamacare“, остатокот од овие закони остануваат да лебдат.
Трамп е далеку од традиционален претседател, па можеби не е фер да се оценат првите неколку месеци од неговото претседателствување на традиционален начин. Неговите гласачи во голема мера на ја поддржаа неговата кандидатура врз основа на конкретни ветувања - ѕидот, здравствената заштита, даноците, туку затоа што тој вети дека ќе го растресе политичкиот систем.
Како и да е, се чини дека неговите поддржувачи се задоволни. Според неодамнешна анкета, 96% од гласачите кои гласале за него стојат позади нивната поддршка на овој човек. Очигледно, тие виделе доволно мерки за да бидат убедени дека претседателот го прави она што го вети, иако сето тоа не е преведено во законодавни достигнувања.