Обраќајќи се на TED конференцијата во Ванкувер преку видео порака, папата Францис ги предупреди моќниците да се однесуваат понизно, затоа што во спротивно ризикуваат пропаст и повика на поголема солидарност со сиромашните и немоќните.
Овој говор на папата е прво обраќање на некој црковен великодостојник на оваа конференција. Медиумската организација
TED, кратенка од
Technology, Entertainment and Design, (технологија, забава и дизајн) организира конференции ширум светот со цел споделување и ширење идеи по пат на кратки говори, известува „Associated Press“.
Ватикан го објави видеото во средата. Таму папата ја опишува својата визија за меѓусебна поврзаност на човештвото, истакнувајќи дека со текот на годините сè повеќе е убеден дека „никој од нас не е остров“.
„Ве молам, дозволете ми тоа да го кажам јасно и гласно: како што сте помоќни, така вашите дела имаат поголемо влијание врз луѓето и затоа би требало да бидете што попонизни. Доколку не го правите тоа, вашата моќ ќе ве уништи, а вие ќе уништите другите“, истакна тој.
Папата Францис побара повеќе солидарност во политичките, економските и научните подвизи.