Обидот да бидат совршени во сите активности или да имаат совршен живот како лицата што ги гледаат на социјалните мрежи влијае врз менталното здравје на младите зашто во реалноста ништо и никој не е совршен, посочија повеќемина психолози од средни училишта на трибината „Младите и менталното здравје“ во организација на „Про локал“ во Битола.
Родителите да не ги „поправаат“ децата, туку да ги слушаат
- Совршените деца се најчестите гости во мојата канцеларија - рече психологот Нина Тасевска од Државното средно музичко училиште во Битола. Таа посочи дека тоа се деца што се совршени во сѐ, успешни, можат да постигнат многу работи, но зад сето тоа често стои страв од неуспех зашто веруваат дека ако не прават сѐ најдобро, ќе ги разочараат родителите.
- Зад тој притисок се крие идентитет создаден од возрасните дека јас сум вашето дете само доколку сум најдобро. Тука почнува нашата борба за децата кои со години градат погрешен идентитет. Возрасните со нивните обрасци, креација на општествените случувања и колективните нишки од минатото, ги прашуваат децата колку пари им требаат за вечер, што добиле по математика или македонски, а не ги прашуваат како се и не остануваат со нив барем 10 минути да го слушнат одговорот. Порака до возрасните: Не обидувајте се да поправате работи на децата, не им треба поправка, им треба време и простор да бидат чуени. И прифатени такви какви што се - апелира Тасевска.
Децата градат лажна слика само за да не го срушат сонот на родителите
Секое дете си има свои способности и не мора да биде гениј за да биде успешно во она што го прави, туку треба да го даде својот максимум, смета Мирјана Гичевска, која долги години работеше како психолог во СОУ „Таки Даскало“ во Битола.
-Многу често младите, односно адолесцентите не сакајќи да го срушат митот или сонот на родителот дека треба да бидат некои, покажуваат лажна слика. Тоа може да направи штета понатаму. Многу често слушаме дека до деветто одделение детето било супер, но сега прави сешто. Очигледно немало сила и начин да се справи со тоа. И нема доверба да сподели со родителите дека има одредена непријатност во социјалната средина. Градењето на менталното здравје е процес на градење доверба. Секое дете треба да напредува во границите на своите можности и способности. Довербата е многу важна - рече Гичевска.
Совршениот живот на интернет не е совршен
Притисокот не доаѓа секогаш од семејствата и очекувањата на родителите, туку и од таканаречената виртуелната совршеност.
- На социјалните мрежи гледаме совршени фотографии и животи кои и тоа како можат да побудат негативни емоции не само кај младите, туку и кај возрасните, зашто тоа го немаме. Се споредуваме со другите, па кај голем дел од младите и кај сите нас се јавува тоа чувство на незадоволство, фрустрација. Некој натпревар кој прави огромен притисок, огромен стрес и е навистина предизвик за менталното здравје. Треба да сфатиме дека таа реалност не е вистинска, не е совршена, дека тоа е премногу лажно или искривена претстава на она што се случува. Да бидеме свесни дека ниеден живот не е совршен и не треба да биде совршен, нити кој било од нас е совршен и не треба да станеме жртви во таа трка по совршенство зашто тоа е еден воз во движење кој ние никогаш нема да го стигнеме - рече м-р Марија Младеновска-Димитровска, психолог во СОУ „Таки Даскало“ Битола.
Според неа, суштината е да се споредуваме сами со себе - дали денес сме подобра верзија од онаа вчера и дали утре ќе бидеме подобри од денес.
- На социјалните мрежи, исто така, сме изложени на животни тренери, мотивациски говорници итн., па притисокот за таканаречената позитивна психологија расте, се праќаат пораки дека мора да се биде среќен, успешен, најдобар... Но, океј е да не сум океј. А не е океј да сум секогаш океј зашто тоа не е реално. Иако некои ги делат емоциите на добри и лоши, сите се наши, човечки и здрав човек е оној што ги прифаќа сите свои емоции - рече Младеновска-Димитровска.
Добро е да кажеме кога не сме добро
Важно е ако денес се тажни, да тагуваат, ако се гневни, да го исфрлат гневот, а ако се среќни, да се смеат. Да не поставуваат лажна маска на лицето - кога се несреќни да изгледаат среќни.
Психолозите нагласија дека е важно младите да се прифатат такви какви што сѐ и отворено да зборуваат за емоциите, па ако треба и да побараат психолошка помош за проблемите да не се провлекуваат низ животот.
Панел- дискусијата во Организација на „Про локал“ беше дел од проект „Младински политики по мерка на младите“ со поддршка на Швајцарската Амбасада.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.